Насловна / Архитектура / БИМАС 2023: „Мерило на македонската архитектура“

БИМАС 2023: „Мерило на македонската архитектура“

Во целост ви го пренесуваме говорт на претседателот на Асоцијација на архитекти на Македонија – ААМ, Мишко Ралев со кој свечено се отвори БИМАС 2023

F_BIMAS-2023

Значајните дела во архитектурата, настрана стереотипните верувања, не се исклучиво производ на индивидуалниот труд на креативните херои, туку се повеќе производ на напорите и кративно технолошките можности на целокупното општество. Ниту се инспиративни изуми на креативниот гениј –поединец- „Големиот мајстор“, туку се траги што еден народ ги остава зад себе, слоеви на културно идентитеските седименти депонирани со векови налик на геолошките формации кои се неуништив доказ за временскиот континуум, неми сведоци на успоните и падовите на човековата заедница низ историјата. Но, како и да е, архитектите се сепак истурените експоненти на општествените аспирации преземајќи ги врз себе одговорностите за успехот или неуспехот на големите идеи и потфати како материјално и визуелно отелотворување и брендирње на понекогаш крајно персонализираните политички учења и движења во името на јавното добро, како директна декларација на демократските перформанси на општеството.

Па така, актуелните расправи и дискурси на современото општество се распнати помеѓу големиот број предизвици кои директно влијаат врз нашите одлуки кои веќе немаат можност лежерно да бидат проверувани и консензуално одобрени дури и општо прифатени. Глобалните мегатрендови донесуваат структурни поместувања, долгорочни по својата суштина, а нивните последици за светот во кој егзистираме се  неповратни.

При тоа градежниот сектор произведува повеќе од 40% од вкупните емисии на стакленички гасови на глобално ниво, а проекциите велат дека во следните 30 години ќе се произведат нови 230 милијарди квадратни метри згради.

Оваа траекторија, заедно со се повидливите влијанија на климатските промени го насочуваат глобалното општество кон нови парадигми на одржливост во архитектонскиот сектор кој ќе мора да се фокусира на вистински регенеративен дизајн што ќе ги поврзува луѓето и природата преку континуирано обновување на еволутивни социјални еколошки системи.

Предизвикот за животната средина е усогласен со прашања во врска со социјалната одржливост на изградената средина. На поинклузивна и правично изградена средина мора да и се даде еднаков приоритет. Затоа и темите на овогодишниот Светски конгрес на архитектите во Копенхаген се движеа помеѓу: климатските адаптации, преиспитување на ресурсите, отпорни заедници, здравје и партнерство за промени,  при што, императив за нас архитектите е инклузивноста во сите овие предизвици пред кои стои архитектурата како предводник на сите останати глобални процеси кои се одвиваат во и околу изградената средина.

И тука, а особено сега, се наметнува прашањето за „Мерилото на македонската архитектура“ во светлото (или во сенката) на глобалните предизвици и локалните стремежи – аспирации во еден специфичен временско историски момент: Постковидниот период во предвечерјето на латентната трета светска војна како глобален предизвик и Пост-Скопје-2014, како локален предизвик кој иако третиран како „замрзнат конфликт“ се обидува да сокрие многу други актуелни и идни архитектонско урбанистички конфликти во државата.

При тоа, логично е да се постави и прашањето за улогата македонскиот архитект, како поединец, но и за Асоцијацијата на архитекти на Македонија како колективен глас на професионалното рацио, приклештени помеѓу глобалните мегатрендови и локалните (инертни) аналогни традиции: ако можат тие можеме и ние, без анализа и без сознание што им треба на „тие“, а што на „ние“ при тоа и не е битно што, туку на „ние“, тоа „што“, да е поголемо!  И забораваме дека и како професионалци и како општество треба да сме во постојана потрага по инспиративни поттикнувања наместо вулгарни конфликти, по хипотези наместо  догми.

Па сепак, дали клучното прашање за македонската архитектура денес може да гласи:

„Просторот го процесираме, се уште го изѕидуваме, или е нешто помеѓу?

Мишко Ралев

Претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија

mi 0261

Испрати коментар

Scroll To Top