Во Македонија, презентации, конференции или пак воопшто настани со тематика информатички технологии во архитектурата и градежништвото не се случуваат често. Затоа беше важно, но пред сè интересно, да се присуствува на настанот со наслов БИМ – Револуција во комуникацијата во градежната индустрија кој се одржа на 15-ти ноември во конференциската сала на хотел ТЦЦ Гранд Плаза во Скопје. Организатор на настанот беше компанијата Смарт Солушнс од Скопје, со своите партнери: Хикад од Србија, регионален дистрибутер на софтвери во градежништвото и Графисофт од Унгарија, производител на првиот БИМ-софтвер во светот, Архикад.
Пред околу 40-тина присутни, настанот го отвори Жолт Ивановиќ, менаџер на Хикад, кој даде вовед во БИМ-технологијата и темите кои ќе бидат презентирани, а се во врска со неа. Потоа, Владимир Крстиќ, менаџер на Смарт Солушнс, кратко се осврна на портфолиото на софтверски апликации и услуги кои ги нуди компанијата на домашниот пазар, а го потенцираше застапништвото на Архикад за територијата на Република Македонија, како и поддршката што ја имаат македонските архитекти. Ласло Теке од Графисофт Унгарија елаборираше на тема БИМ на глобално ниво. Говорникот ја објасни кованицата БИМ (Building Information Modeling) како израз кој подразбира дигитално креиран модел на виртуелен објект кој содржи и е опишан со мноштво информации – концепт на кој функциoнира Архикад, првенецот на Графисофт. За разлика од традиционалните 2Д КАД-софтвери, во кои исцртаните 2Д линии даваат штури информации за тоа што тие претставуваат, БИМ-апликациите тежнеат да примат и да предадат што е можно повеќе информации за елементите од кои е составен моделот. Интересно, временски развојот на овие две технологии – 2Д КАД и БИМ се одвива практично истовремено. Во недостиг на персонален компјутер со добра графика и пред сè, добра цена, БИМ-технологијата со децении ги чека своите пет минути. Напредокот на хардверот и опаѓањето на неговата цена овозможи брзо прифaќање на БИМ-апликациите и нивна надмоќ над 2Д КАД-апликациите. Во светот денес, БИМ-апликациите се влезени во националните регулативи како мандаторен софтвер при изработка на проекти при јавни набавки. Таков е случајот со Велика Британија, која изразито преднични во воведот на БИМ во сите пори во процесот на проектирање, градење и одржување на градбите. Меѓу напредните се и скандинавските земји, Холандија, Ирска, Германија, Австрија, Канада, САД, Нов Зеланд, Австралија, додека земјите од Јужна и Источна Европа, сè уште не залечени од неодaмнешната финансиска криза заостануваат. Земјите кои предничат во имплементацијата на БИМ-технологијата во процесот на проектирање и градење, поради комплексноста на технологијата тоа го вршат во фази од по неколку години, врзани со конкретни акциони планови и очекувани резултати. Конкретно, Велика Британија, е во фаза на имплементација на БИМ ниво 2 кое треба да биде подигнато на ниво 3 почнувајќи од 2020 година. Согласно владината стратегија за градење, до 2025 година поради имплементација на БИМ-технологијата, се очекува редукција на трошоците за изградба од 33 %, намалување на времето потребно за изградба за 50 %, намалена емисија на СО2 за 50 %.
Следејќи ги позитивните сигнали од употребата на БИМ-софтверите, Европскиот парламент, уште во 2014 година побара од земјите членки во своите национални регулативи за јавни набавки, да ја земат предвид БИМ-технологијата со цел унапредување на јавните набавки до 2016 година. Покрај влезот на БИМ како технологија за изработка на проекти во законската регулатива на многу земји низ светот, сè позабрзано се донесуваат национални БИМ-стандарди и препораки кои не се задолжителни, но се доста користени. Но самиот процес на усвојување на БИМ-технологијата не е едноставна работа, па стандардите и препораките се многу битни. Со оглед дека имплементацијата на БИМ-технологијата во ЕУ се врши самостојно од секоја ЕУ-членка, потребно е усогласување на стандардите и дефинирање на заеднички препораки. Со таа цел, во 2016 година беше формирана т.н. ЕУ БИМ Таск Груп со задача да предложи рамка во која ќе се унифицира БИМ-примената во земјите членки на ЕУ.
Се чини дека примената на БИМ-софтверите никогаш не била поактуелна. Технологијата го трансформира начинот на кој индивидуалците и компаниите работат. Сега кога светот е поврзан повеќезначно (телекомуникациски, транспортно, културно…) потребата од тимска работа „ја менува играта“. БИМ-софтверите тоа го овозможуваат. Во презентацијата која ја одржа Гордана Радониќ од Графисофт, токму акцент беше ставен на тимската работа и на апликациите и алатките кои тоа го овозможуваат. Презентирајќи од својот ајпад, преку БИМџ-апликација која служи за прегледување на БИМ-модели креирани во Архикад, Радониќ ни покажа како може еден модел да се истражува во 3Д кога сме во движење, во авион, градилиште и слично. Тимската работа во Архикад овозможува работа на еден фајл, еден модел преку користење на БИМ-сервер, модул во Архикад. Со користење на опциите за тимската работа, која Графисофт ја претстави уште во 1995 година, секој член на тимот добива дел од моделот кој има дозвола да го менува, а низ модулот за комуникација се разменуваат пораки за подобра координација.
За крај, корисно е да се спомне и за некои очекувања во иднината. Жолт Ивановиќ имаше и интересен осврт на животниот циклус на БИМ. Потенцираше дека користа од БИМ- моделот не завршува со градењето на објектот, туку идејата е тој да се користи и во фазата на користење на објектот, односно при неговото одржување и управување преку апликациите за управување на објектите (Facility Мanagement) како што се тоа ArchiFM или пак Archibus. Ако се погледнат трошоците генерирани од објектот, ќе се заклучи дека трошоците за проектирање на даден објект учествуваат со 2 % од вкупните генерирани трошоци, самата градба учествува со 34 %, додека остатокот, односно најголемите трошоци се однесуваат на одржување на објектот, односно 64 %. Токму БИМ-моделите поврзани со најразлични сензори, а управувани во ФМ-апликациите придонесуваат за огромни заштеди при користењето на објектот. На тој начин БИМ-технологијата е врзана за еден објект за целиот негов животен циклус од идеја до користење, односно рушење.
Импресиите од настанот беа навистина позитивни. Учесниците имаа можност да разменат искуства и мислења во неофицијалниот дел.
Трајче Стојанов, архитект и БИМ-консултант