На иницијативе на Стопанската комора на Федерацијата на Босна и Херцеговина, наскоро се планира да се ограничи увозот на половни возила во земјата до минимум исполнет еуро 5 стандард, додека кај новите возила ќе се бара еуро 6. Оваа одлука ќе биде донесена бидејќи во БиХ состојбите со загадувањето на воздухот се алармантни, а за тоа придонесува и исклучително високата просечна старост на возниот парк која изнесува 17 години. Дополнително, над 50% од возилата се под ЕУ еко стандардите.
„Босна и Херцеговина е поволен амбиент во европски рамки за увоз на половни возила и постепено станува депонија на стари возила кои не исполнуваат безбедносни и еколошки критериуми за користење во други земји, и се додека таквите возила се во употреба тие драстично ќе влијаат на квалитетот на воздухот„ велат од Министерството за надворешна трговија и економски односи на Федерацијата.
Една од причините за воведување на оваа ззабрана токму во актуелниов период, е секако и тоа што Уставниот суд на Германија веќе донесе одлука со која им одобрува на градовите да го забранат влегувањето на возила кои негативно влијаат врз животната средина. Се проценува дека во скора иднина над 12 милиони возила ќе се извезат од Германија, бидејќи само на тој начин сопствениците ќе можат да се ослободат од нив. Се разбира, не е тешко да се претпостави дека голем дел од возилата ќе завршат во регионот на Западен Балкан.