На неодамна одржаниот Министерски совет на Енергетската заедница, Босна и Херцеговина и Црна Гора побарале одложување на примената на прекуграничната такса на CO2, која е закажана за 01.01.2026 година. Таксата претставува дополнителна давачка на увозот на цемент, железо, челик, алуминиум, водород и електрична енергија во Европската унија од земјите кои немаат воведено данок на емисиите. Според тоа, оваа такса односно CBAM, ќе ги погоди и компаниите од целиот регион на Западен Балкан, кои извезуваат стока во Европската унија.
Во однос на извозот на електрична енергија, може да се добие иземање, само доколку се исполнат одредени услови, но земјите од регионот доцнат, па нема изгледи тоа да се добие до 01.01.2026 година. Тоа значи дека електричната енергија која за некои од земјите од Западен Балкан е важна извозна ставка, ќе биде оптоварена со такса и со тоа ќе стане прескапа за европскиот пазар. Во однос на условите кои треба да се исполнат за споменатото иземање, најважно е спојувањето на организираниот пазар на електрична енергија со ЕУ, па Црна Гора затоа бара изземање до четвртиот квартал во 2026 година, за кога се планира дека спојувањето на пазарот ќе биде реализирано. Доколку успее во тоа, Црна Гора би заштедила најмалку 350 милиони евра годишно, и би обзбедила профитабилно работење на термоелектраната „Плевља“.
Од Енергетската заедница велат дека CBAM е пропис кој не го донела Европската заедница, туку ЕУ, па затоа Секретаријатот не е вистинската адреса за вакво барање.