Глобалното архитектонско биро Bjarke Ingels Group (BIG) деновиве го претстави проектот за четири облакодери кои ќе го опкружуваат плоштадот Freedom Plaza на њујоршкиот Менхетн, планирани да се градат карши седиштето на Обединетите нации.
Покрај бреговите на Ист ривер, плоштадот има за цел да создаде нов јавен и културен центар, воведувајќи нов отворен и зелен простор во оваа густо населена област, со планови на локацијата да се воспостави спирално обликуван Музеј на слободата и демократијата.
Како што објаснија архитектите во изјавата, проектот за Freedom Plaza го почитува прославениот комплекс на ОН на север, а во исто време додава разиграни и скулптурални елементи на брегот на моереузот.
Највисоката кула е 198 метри
Развиен од компаниите Soloviev Group и Mohegan, идниот план за Freedom Plaza предвидува нова организација и структура на една од најголемите неизградени парцели на Менхетен, чија површина изнесува 2,7 хектари.
Во својот проект, BIG ги претстави плановите за формирање на музеј, подиум и четири околни кули. Две од нив, чии висини се 167 и 198 метри, односно 50 и 60 ката, се наменети за станбени единици, каде што ќе се формираат 1.325 станови, од кои речиси 40 отсто се наменети за трајно поволно домување.
Другите две кули, секоја со по 51 кат, ќе бидат домаќини на два хотели, како и конференциски и забавен центар. Зградите ќе достигнат висина од 187 метри, а ќе бидат поврзани со повеќекатен конзолен мост на највисоките нивоа, формирајќи така форма што наликува на инбус клуч.
Проектот е воспоставен за да се прилагоди и усогласи со правоаголната мрежа на структурата на Менхетн и да обезбеди јасни коридори кон Ист Ривер и Квинс.
Станбените кули се инспирирани од познатите модернистички згради на Њујорк, а рендерите покажуваат стаклени и алуминиумски фасади поврзани во основата на подиумот.
Двете хотелски кули имаат поинаква слика, со оглед на тоа дека во завршната обработка се во метал, а се поврзани во зоната на кровот со цел да се создаде визуелно единство.
„Паровите кули, поврзани во основата или на врвот, опкружуваат по еден агол од плоштадот, едниот го претставува животот на градот, а другиот формира урбан премин од градот до горниот парк и понатаму кон Ист ривер“, објасни Bjarke Ingels за ArchDaily и додаде: „Поставен на мало возвишување со поглед на реката, Музејот на демократијата е близок сосед на кулите и го слави потеклото и еволуцијата на еден од највлијателните изуми на човештвото и нашата постојана борба да ги изградиме, одржуваме и заштитиме институциите што ја поддржуваат. ”
Станиште за опрашувачи во текот на целата година
Со поставување на кулите на периметарот на парцелата се формира обилен јавен зелен простор со простори за детска игра и игра на кучиња, а тука е и простран тревник за одржување настани на отворено.
Студиото OJB Landscape Architecture го проектирало пејзажот на локацијата да биде домаќин на автохтони растенија и климатски приспособени видови, додека истовремено се создава живеалиште за опрашувачи во текот на целата година.
Зградата на музејот е проектирана целосно да ја искористи својата локација во паркот, а објектот има облик на т.н. Möbius ленти, спојувајќи на тој начин внатрешни и надворешни простори, овозможујќи воспоставување на надворешно шеталиште.
Два хектари зелена површина достапна за сите
„Урбанистички развој од овој размер обично вклучува повеќекатни подиуми со паркинг и непристапни приватни содржини на кровот на подиумот. Меѓутоа, Freedom Plaza се ослободува од тој стереотип со интегрирање на сите програми на подиумот, како што се паркинг, малопродажба, аудиториуми, простории за игри и забавни содржини под нивото на терен, што ни овозможува да создадеме над 1,9 хектари зелена површина достапна за сите. Намерно едноставните форми на кулите го опкружуваат паркот како урбана оаза со културни и зеднички програми внатре“, вели Martin Felkle, партнер во BIG.
Развојот има за цел да биде со нет-зеро јаглероден отпечаток, бидејќи ја користи Ист ривер во својот систем за греење, ладење и загревање на водата. Пејзажното уредување вклучува собирање и задржување на дождовницата, додека зрелите стебла на локацијата помагаат во намалување на ефектот на урбани топлински острови.