Bjarke Ingels Group (BIG) го претстави проектот за група вили за одмор на остров во Јапонија наречен NOT A HOTEL Setouchi.
Новиот ресор, развиен за луксузните хотелиери NOT A HOTEL, се наоѓа на локација од 30.000 квадратни метри на оддалечениот остров Sagishima во јапонскиот регион Setouchi.
Развиен во соработка со компанијата NOT A HOTEL, проектот на вилите се заснова на долгогодишниот дијалог помеѓу скандинавските и јапонските дизајнерски вредности.
Хотелот има природна текстура низ планините на островот, комбинирајќи природни и локални материјали, зајакнувајќи ја врската со природата.
Јапонската угостителска групација NOT A HOTEL го започна своето партнерство со BIG во 2022 година за да ги прошири постојните шест угостителски понуди на компанијата низ Јапонија.
NOT A HOTEL Setouchi се планира да се отвори подоцна оваа година. Откако ќе биде завршен, ќе биде додаден во растечкото портфолио на угостителски проекти на BIG, вклучувајќи го Audemars Piguetov Hôtel des Horlogers во Le Brassusu, Швајцарија, островот Vollebak во Канада и кабината Биосфера во Treehotel во шведска Лапонија.
„Релацијата меѓу скандинавскиот и јапонскиот дизајн започна во 19 век, кога Јапонија ги отвори своите граници за меѓународните патници“, вели BIG во описот на својот проект: „Набргу потоа, скандинавските дизајнери почнаа да ја посетуваат земјата и брзо станаа фасцинирани од јапонскиот стил поради неговата едноставност, употребата на природни материјали и поврзаноста со природата – истите принципи кои го водат дизајнерскиот етос за NOT A HOTEL Setouchi“.
Мастерпланот за NOT A HOTEL Setouchi се фокусира на обновување на брановидниот терен, каде што тревата ќе се искоси пред да започне изградбата, а маслинови дрвја, лимони и друга автохтона вегетација ќе бидат повторно воведени за да се подобри природната убавина на локацијата.
Мастерпланот се состои од три вили – кои се именувани соодветно 360, 270 и 180 во зависност од локацијата и соодветните погледи.
Вилите намерно се вклопуваат во природните контури на пејзажот, прилагодувајќи се на постоечките патишта и инфраструктура. Распространето на различни височини, одморалиштето изгледа како „лента“ што се извива низ локацијата.
„Нашиот проектантски пристап за NOT A HOTEL Setouchi не беше за наметнување на нашите идеи на локацијата; наместо тоа, вклучуваше истражување, набљудување и разбирање на пејзажот. Размислувавме како на најдобар начин да го искористиме овој карактеристичен и извонреден терен и се фиксиравме на дизај кој ја одразува елеганцијата на традиционалната јапонска архитектура“, вели Бјарке Ингелс, основач и креативен директор, BIG и продолжува: „Јапонија е една од културите во светот каде посветеноста на занаетот и грижата за квалитетот остануваат недопрени. Може да се каже дека искреноста и едноставноста на структурата и внимателниот избор на материјали имаа големо влијание врз традиционалната архитектура на Јапонија и модерната архитектура на Данска“.
„Можеби затоа, кога одам во Јапонија, секогаш се чувствувам како да се враќам дома. NOT A HOTEL Setouchi ќе биде експеримент за тоа што ќе се случи кога сензибилитетите на двете земји ќе се спојат – данската желба за едноставност и грижата и совршенството на Јапонија“, додаде Ингелс.
Секоја вила е проектирана со дизајнерски карактеристики кои се вклопуваат во нивната специфична локација на лице место. На пример, прстенестиот облик – наречен 360 – е поставен на најголемата надморска височина, нудејќи буквално поглед од 360 степени на теренот и морскиот пејзаж на Setouchi со централен двор за приватност.
Друга вила – именувана 270 – доловува панорама од 270 степени на околниот архипелаг, со простори за капење распоредени како пловечки острови околу базенот заедно со сауна и отворено огниште.
Последната вила – позната како 180 се наоѓа на врвот на полуостровот кој е најблиску до морето. Проектирана во заоблена форма, вилата го следи крајбрежниот пејзаж. Домот има пријателски внатрешен двор со нежно закосени патеки со мов и дрвја кои ја менуваат бојата со годишните времиња.
„Вилите со три и четири спални соби се однесуваат на дизајнот на традиционалните јапонски еднокатни куќи, вклучувајќи материјали кои се локални во Јапонија“, велат од BIG.
Додека фасадата, кровот, ѕидовите и подот се повикуваат на традиционалните јапонски архитектонски елементи, повторно се осмислуваат за модерна употреба.
„Стаклените фасади кои ги поврзуваат ентериерот и екстериерот се модерна интерпретација на shoji параваните, додека моделот на подови од природен шкрилец Genshoseki е инспириран од распоредот на традиционалните јапонски tatami простирки“, велат од бирото.
„Носивите закривени глинени ѕидови постигнати се со користење на традиционалната техника на набиена земја, со инкорпорирање на почвата директно од локацијата“.
Вилите имаат традиционални јапонски бањи, смирувачка палета на бои, отворени огништа и загреани бесконечни базени кои ги заматуваат границите помеѓу имотот и околната природа.
„Setouchi се состои од густ и драматичен архипелаг, кој се карактеризира со прекрасни брановидни силуети на планинските острови“, вели Ryohei Koike, Associate, соработник на BIG.
„Нашиот пристап на овој проект има за цел истовремено да ги прошири и подобри непрегледните панорамски погледи на архипелагот, создавајќи моменти на интимност и приватност преку минимални архитектонски интервенции“, објасни Koike и додава: „NOT A HOTEL Setouchi ја спојува суштината на големата и модерната данска архитектура со ДНК на NOT A HOTEL и традиционалната јапонска култура“.
Крововите на NOT A HOTEL Setouchi се покриени со соларни плочки, технолошка и модерна интерпретација на традиционалниот јапонски кров.
Дождовницата собрана од крововите ќе се користи за наводнување на хортикултурно уредување, додека фасадите и настрешниците поддржуваат пасивно ладење во пролет и лето.