Импозантната библиотека Ооди е нов споменик на нордискиот модел на граѓанско ангажирање во општеството. Во земја која може да се пофали со една од највисоките стапки на писменост во светот, изградбата на нова централна библиотека во Хелсинки е многу значаен момент за нацијата.
Објектот на површина од 17.250 метри квадратни, вреден 98 милиони евра, беше отворен во декември минатата година, по повод 100-годишнината од финската независност. Библиотеката е дизајнирана од финската архитектонска фирма АЛА, а примарна дизајнерска карактеристика е употреба на смрека на фасадата според принципите на нордиската конструкција.
Библиотеката Ооди е креирана по десетгодишен процес на дизајнирање и бројните јавни консултации, да стане еден вид зграда за сите граѓани, простор за старите и младите, кои овде ќе го запознаат светот, градот и едни со други. Поради оваа идеја се наоѓа на исто ниво како зградата на Финскиот парламент, со која дели јавен плоштад.
Дизајнот на библиотеката ја поддржува оваа возвишена мисија и приземјето е всушност проширување на јавниот плоштад и претставува место за состаноци, неформални собири, како и бесплатни настани. Постојат бројни флексибилни простори на второ ниво, така што граѓаните можат да користат овде 3D печатари, електрични алати, машини за шиење и музички простории. Гејмерите имаат специјално опремени простории за VR. На највисоко ниво е „книжевното небо“, воздушен простор со над 10 илјади книги.
Библиотеката Ооди ја посетуваат во просек по 10 илјади луѓе дневно, додека годинава вкупната посетеност изнесувала три милиони луѓе, што е исклучително успешно со оглед дека Хелсинки има 650 илјади луѓе.