Од времето кога започна планирањето за изградба на библиотека во градот Ан Арбор во Мичиген – САД, архитектите од Inform Studio биле изненадени од огромната штета што ја имаше нанесено зелениот јасенов бубмар токму на локацијата предвидена за градба. Од 2002 година скоро 30 милиони јасенови дрвја биле уништени од овој бумбар кој е доселен на овие територии од азискиот континент и проширен во 14 држави во САД. Позицијата и околината каде е изграден објектот, имала густа јасенова шума која била оштетена и деградирана. Внимателно одбраната локација за градба овозможува три важни цели: се создава заштиен појас помеѓу екосистемот на шумата и жителите на градот, се создава ефект на урбанизиран дел долж улицата и пешачката зона и има минимално влијание на околната природа, со што се зачувува биолошката разновидност на природата.
Одржливоста на проектот е главен приоритет на архитектите во раната фаза на проектирање, па така архитектите увиделе дека дрвната маса од уништените дрвја може да се искористи во дизајнот на библиотеката. Истражувањата покажале дека дрвјата што се уништени од овој инсект, сепак можат да се искористат за бичење, бидејќи ларвата на инсектот ја напаѓа внатрешната страна на кората, додека дрвната маса е неоштетена. Со искористувањето на овие уништени дрвја, ним им се дава нов живот со тоа што ја разубавуваат внатрешноста со висока естетска вредност, која ја има јасеновото дрво. Употребата на јасеновото дрво во објектот стана основна компонента во дизајнот на ентериерот, како и во дел од конструктивниот дел. Јасеновите дрва биле искористени во многу делови на објектот, како што се подот, ѕидните облоги, таваните, и столбовите што се протегаат покрај стаклената фасада која е свртена со поглед кон заштитениот дел на шумата.
Под водство на прочуениот дизајнер и познавач на дрвото John Yarema, со работилница во близина на Ан Арбор, тимот работници рачно ги сечеле и обработувале дрвата, за потоа да започне едногодишниот процес на природно сушење на дрвата во работилницата на Yarema. За да се избегне оштетувањето на околните живи дрвја, кое може да настане од механизирано сечење на дрвата и транспортот, дрвата се сечени рачно и пренесувани со коњи. Искористувањето на ваквиот оштетен материјал, од локално потекло, ќе придонесе многу за екологијата во регионот, ќе се отвори простор за нова млада и здрава шума и, секако, значително ќе влијае на економските параметри во градбата.
Стратегиите за еколошко и економско проектирање можат да се забележат во поставеноста на објектот во однос на околината и основата на проектот во вид на буквата L. Идејата на архитектите била што помалку да се зафаќа простор од шумата и зеленилото што се протега во задната страна на објектот, па така граничните линии се поставени блиску до улица од предната страна, а паркирањето е решено делумно под зградата со 26 паркинг места и уште 30-ина на улица.
Потребата од намалување на трошоците во изградбата ги принуди проектантите да го сменат зелениот кров кој беше предвиден во почетните дизајни, но сепак на кровот има мала зелена градина која ја собира дождовната вода и се испушта во испусни базени.
Внатре во библиотеката, стаклената фасада ја пропушта дневната светлина со што се осветлува зоната за читање. Силната светлина, што би можела да се појави во текот на денот, се регулира со електрични ролетни кои заштитуваат од прејак блесок. Овие ролетни функционираат врз основа на светлосни сензори кои автоматски ги отвораат или затвораат ролетните, во зависност од временските услови. Вентилацијата на објектот е решена со вентилациони системи кои механички се поврзани и со прозорците. Овој систем овозможува автоматско отворање на прозорците кога надворешниот воздух е со пријатна температура, со што се заштедува енергија со исклучување на системот за вентилација.
Библиотеката Traverwood е трета и најнова во областа околу градот Ан Арбор. Директорот на градските библиотеки Josie Parker, уште од самиот почеток на проектирањето се залагал за одржлив дизајн на новиот објект, но и тој не очекувал дека новата библиотека ќе добие облик на модерен одржлив објект со прекрасен дизајн и висока еколошка оценка.
Архитектите и инженерите строго се придржувале до строгите регулативи за зелени и енергетски ефикасни објекти, но сепак се одлучиле да не се пријават за престижниот LEED сертификат, со цел средствата што би биле дадени за сертифицирање да можат да се употребат во самиот објект. Директорот Parker потенцира дека не е важно за овој објект да добие престижен сертификат, туку подобро е да се донесат вистинските одлуки вредни за заедницата.