Оваа минијатурна дрвена библиотека во предградие на Торонто, Канада, е наменета за поттикнување на жителите меѓусебно да разменуваат книги.
На работ на новиот градски плоштад инсталирана е мала прирачна библиотека именувана Story Pod, и е бесплатна за користење за сите граѓани кои сакаат да се релаксираат и да уживаат во читањето книги.
Story Pod е всушност црна дрвена кутија, која се отвора како книга во утринските часови, а ноќе се затвора во светлечка коцка.
Посетителите може да земат книга, да седат на клупи интегрирани во библиотеката и да читаат во мир. Исто така, можат и да остават своја книга како подарок, за да можат други посетители да уживаат во неа.
„Заедницата го прифати овој проект со цело срце. Ниту една од поставените книги не е исчезната, а постојаните донации на нови дела наскоро ќе ја преплават Story Pod“, изјави еден од партнерите во Atelier Kastelic Buffey, фирмата која е творец на оваа инсталација.
Ноќе, библиотеката се затвора во коцка и се заклучува, а LED осветлувањето, коешто се напојува преку соларни панели на покривот, низ вертикалните празнини меѓу гредите сјае како фенер.
Целата структура зафаќа површина од 2,4 х 2,4 метри, а нејзината висина изнесува три метри. За изработка на Story Pod користени се дрвени табли со стандардни димензии за да количината на отпадниот материјал биде што е можно помала, пишува Dezeen.
Story Pod е дел од глобалниот проект Little Free Library, кој започна во Висконсин во 2009 година, со идеја да се поттикне писменоста во целиот свет.