Насловна / Архитектура / Безбедното домување во Скопје „во битка“ за пристапен простор и примена на прописите

Безбедното домување во Скопје „во битка“ за пристапен простор и примена на прописите

Во целост го пренесуваме текстот на МИА со кој се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Тесни лифтови што не собираат носилки за брза помош, заглавени екипи во тесни улички, блокирани пристапи до влезовите на згради од непрописно паркирани возила, се само дел од искуствата на тие што треба да бидат први во реакцијата за помош, а се попречени и најдиректно ги чувствуваат последиците од неказнивото и штетно урбанистичко планирање.

Непристапноста до станбените објекти за службите за брза интервенција во комбинација со непримената на мерките за заштита од пожари и исполнување на интересите на разни групи, според експертите, може да има фатални последици во безбедното домување во главниот град. Меѓу решенијата што се предлагаат се промени во постапката за техничкиот прием на објектите со интервенции во Законот за градење, но и тело за „надзор“ на примената на сите прописи и мерки за заштита и при експлоатација на објектите.

б1

Милица Бубало, раководителка на Брзата помош во Скопје, во разговор за МИА вели дека во секојдневното работење имаат пречки при интервенциите и во старите и во новите згради.

-Има одредени населби од градот каде немаме добар пристап со возилата на Итна медицинска помош, исто и за носилките, за нивно внесување во објектот и носење до одреденото место на болниот. Има многу влезови на згради блокирани со паркирани возила, има влезови каде нема пристапни рампи за носилката, па таа мора да се крева. Исто така и згради без лифтови што многу ја отежнува работата поради различната тежина на пациентите, а ние немаме носачи, во екипите најчесто се докторки и сестри. Ова се искуствата  со старите згради, а за дел од новите згради имаме примери кога се со многу тесни лифтови, внатре не може да влезе носилката, која е 2.20 или 2.40 метри, ретко кога има лифт кога може да влезе целата носилка. Имавме екипа која се заглави во неисправен лифт, бидејќи куќниот совет не можел да се договори кој ќе го одржува лифтот. Имаме проблем и со тесните улички особено во Гази Баба,  каде има голем број паркирани возила, отежнато е маневрирањето и доаѓа до оштетување, вели Бубало, потсетувајќи дека истиот проблем со пристапноста ја имаат и лицата со попреченост.

Последиците, посочува Бубало, понекогаш може да бидат и фатални.

б2

Доловувајќи го отежнатото интервенирање, прашува како да се земе пациент во ќебе од 10-ти кат? Во такви ситуации, укажува, се бара помош за симнување на пациентите, а тоа може да биде во секое време, во три-четири часот наутро, а можеби и ќе мора баш тогаш да се интервенира, да се реанимира пациентот.

– Како да се интервенира за реанимација ако лифтот е тесен и не може да се внесе пациентот?  Треба да го симнете по скали и интервенцијата е невозможна. Ние немаме вработени за кревање, поголемиот дел се веќе со последици како резултат на претходното делување. Треба да се обрне внимание кога се прават проектите, кога се издаваат дозволите за објектите,  да се најде механизам за обезбедување пристапност до објектите бидејќи не може да се носи носилка кога има многу паркирани автомобили пред влезовите, вели Бубало и апелира на постојано истакнување на овие проблеми за да се најде решение.

Проблемот со пристапноста до објектите ја нотира и претседателот на Противпожарниот сојуз Зоран Кочовски, кој оценува дека „многу често се прогледува на слабостите на градежниците и кога се проектираат и кога се градат нови згради“. Како посебен проблем го потенцира и несоодветното поставување и користење на паркинг местата.

-Во центарот на Скопје се обележани места за паркирање на возила и кај приоди до скали за спасување и до хидрантите. Едноставно преоптовареноста на паркинзите е голем проблем за функционирањето на која било служба, дури и доброволната служба да сака да постави одредена своја опрема за да интервенира нема да може да го направи тоа затоа што сите приоди се блокирани. Нема ознака  дека не смее да се паркира затоа што на тоа место хидрант, ниту пак ознака за приод кон патека за евакуација. Тоа во централното градско подрачје во Скопје го нема. Во новите градби надвор од централното подрачје можеби има одредени приоди, но и тие се блокираат од страна на несовесни граѓани со изговор дека нема место за паркирање. Нашите анализи покажуваат и дека во објектите на територија на Скопје, дури и во новите згради, нема инструкции и планови за евакуација, а многу често ако постојат противпожарни скали за евакуација тие се затворени, тешко пристапни бидејќи некој го злоупотребил тој простор, укажува Кочовски во разговор за МИА.

б3

Анализите на Противпожарниот сојуз, како што вели тој, покажуваат дека кај новите градби не се почитува регулативата за пристапност и растојание, се поставуваат и системи за противпожарна заштита колку да бидат видливи, а нивната функционалност е на многу ниско ниво. – Решение за ваквите состојби е промена во регулативата и посериозен надзор затоа што од тука доаѓа проблемот, вели Кочовски.

Од Стопанската комора на Северна Македонија, во чии рамки  функционира Здружение за градежништво, на прашање за почитувањето на регулативата во однос на проблемите на кои се укажува, потенцираат дека во високоградбата надзорен орган е инженерот вработен од страна на инвеститорот, а лифтовите се посебна фаза во изведбата и се купуваат како готов производ.

-Спецификациите на лифтовите во однос на тежина и кубикажа, се одредува согласно бројот на изградени станови, и секако во секој лифт има прописи за тежина и забрана за товарење, а колку се почитува е знак прашање. Инвеститорот има обврска согласно закон да направи план за евакуација и тој го изготвува outsource компанија. Тоа се законските обврски на инвеститорот, велат од Комората за МИА.

б4

Национално тело за периодична контрола на прописите и при експлоатација на објектите 

Од Комората на овластени архитекти и инженери, надлежното тело за овластувања на инженерскиот кадар, причините за состојбите на кои се укажува ги гледаат во непочитувањето на, како што велат, многу, меѓусебно поврзани законски одредби.

Оттаму објаснуваат дека позитивната законска легислатива што ја регулира градбата, претставува комплексен систем од законски решенија кои се однесуваат на сите инженерски области од оваа мултидисциплинарна дејност. Постоечките стандарди и нормативи за проектирање на објекти, ревизија на проектите и за урбанистичкото планирање, како што укажуваат, обезбедуваат регулатива за проектирање и изведба на објекти кои задолжително мора да овозможат безбеден престој, работа и домување за граѓаните во секој тип на објекти.

Претседателката на Комората Кристинка Радевски, вели дека активно се вклучени во процесите за надградба на постоечката регулатива и оти неодамна со Дирекцијата за заштита и спасување, изработиле нов Правилник за мерките за заштита од пожар, експлозии и опасни материи,  усогласен со најновите европски директиви, со цел подобрување на законската регулатива.

Радевски очекува во најскоро време овој, како што потенцира, навистина сериозен документ да биде процесиран од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, како институција задолжена

Притоа, потенцира таа, треба да се има предвид дека секоја регулатива ги дава целосните резултати единствено ако неселективно функционираат мерките за контрола над нејзиното спроведување и санкции за нејзиното непочитување.

б5

-Причините за состојбите кои се среќаваат на терен и кои се причина за укажувањата од службите за итна помош и противпожарна заштита дека се соочуваат со проблеми при интервенцијата поради тоа што до дел од објектите немаат пристап за нивните возила, не се почитува растојанието меѓу објектите, мерките за заштита на пожари не се вградени при изведбата, треба да се бараат во непочитување на многу, меѓусебно поврзани законски одредби. Комората смета дека можно решение за надминување на ваквите состојби е оформување на национално тело кое ќе биде задолжено за континуирана периодична контрола за доследна примена на сите прописи и мерки за заштита и спасување, вклучително и во фазата на експлоатација на објектите, вели Радевски во изјава за МИА.

Противпожарните мерки да бидат први за примена

За инспекторите од Дирекцијата за заштита и планирање, пак, решението е во нивно вклучување во техничкиот прием и на објектите од втора категорија, кој сега го врши надзорен инженер.

-Потребно е под итно да се иницира измена на Законот за градење со кои ќе се предвиди во делот на втората категорија градби во делот за технички преглед да се вклучат инспекторите од ДЗС. Вака со надзорен инженер не оди работата. Во моментот кога ќе отидеме можеби се постапува по мерките, но што е гаранција дека до крај ќе се заврши како што треба. Потребно е под итно да се измени Законот за градење и да се вклучат инспекторите. Техничкиот прием за втора категорија го врши надзорниот инженер, а тој за се ли е експерт? За одобрение за градење и за прва и за втора категорија мора да се добие согласност по Елаборатот за заштита од пожари и експлозивни материи. ДЗС ја дава согласноста, тоа ќе биде на хартија, но немаме гаранција дека ќе се имплементира до крај. Друго ќе биде кога инспекторите ќе одат на крај и ако утврдат дека нешто не е во ред едноставно објектот нема да добие употребна  дозвола, посочуваат инспекторите и дополнуваат дека овие промени ги иницирале неколкупати досега, велат од ДЗС.

б6

Потребно е, нагласуваат, да се запази целата постапка од старт и заштитата од пожари да не доаѓа последна. Сите ја ставаме безбедноста на животот и на материјалните добра на прво место, а заштитата од пожари ја ставаме последна. Кога се прави основниот проект наместо првично инженерите да имплементираат мерки за заштита од пожари и потоа да настапат другите, се прави обратно, посочуваат инспекторите на ДЗС.

Покрај промена на Законот за градење и нивно учество во техничкиот преглед, укажуваат дека е неопходно и јакнење на кадровските капацитети и корекција на платите за да се задржат постојните вработени. Секторот за инспекција има вкупно 15 вработени инспектори на територија на државата, на сметка на што, потенцираат, трпат плановите за работа.

Законски одредби што треба да гарантираат безбедно домување

Од Министерството за транспорт и врски укажуваат дека согласно член 47 од Законот за урбанистичко планирање (ЗУП) при изработување на урбанистичките планови надлежните институции за заштита и спасување се должни да ги достават сите податоци и информации што им се на располагање, заедно со своите развојни проекции, предлози и мислења што се неопходни за изработување на урбанистичките планови на барање на донесувачот или изработувачот на урбанистичкиот план.

б7

Потоа, објаснуваат, донесувачот на планот (единицата на локална самоуправа) го испраќа урбанистичкиот план со барање за мислење по однос на планските решенија (сообраќајно решение со пристап до парцелите и намени на градбите со максимални висини) со вградени услови што се во врска со заштитата и спасувањето до надлежните институции за заштита и спасување. За планот се спроведува јавна анкета со јавна презентација, по што продолжува постапката за изработување и донесување на планот на совет согласно ЗУП.

-Спроведувањето и начинот на реализација на донесен урбанистички план за градбите од јавен интерес (сообраќајница или друга инфраструктура) е исклучива надлежност на донесувачот на планот односно единицата на локална самоуправа и тоа општината го утврдува во годишната програма, потенцираат од ресорното Министерство.

б8

Ја појаснуваат и постапката за одобрение за градење, уредена во Законот за градење и ги нагласуваат одредбите што треба да ги има во предвид надлежниот орган при издавањето на одобрението.

По доставено барање за одобрение за градење за соодветна градба, објаснува Министерството, надлежниот орган е должен да ја разгледа доставената документација и да утврди дали барањето е комплетно, дали доставената документација има недостатоци, дали основниот проект е изработен во согласност со прописите за проектирање, урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација. Основниот проект е ревидиран и се состои од архитектонски проект, градежно-конструктивен проект, електротехнички проект, сообраќаен проект, термотехнички проект, проект за водовод и канализација и други проекти и елаборати во зависност од намената на градбата (елаборат за противпожарна заштита, елаборат за заштита при работа и сл.).

-Проектите се изработувааат согласно стандардите и нормативите за проектирање и други технички прописи, со кои се утврдуваат основните параметри при проектирањето и архитектонското обликување на градбите. Пред да се издаде одобрение за градење на доставениот елаборат за противпожарна заштита надлежниот орган прибавува позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување.При издавање на одобрение за градење надлежниот орган должен е да ги има предвид одредбите од Законот за градење кои се однесуваат на основните барања за градбата уредени од член 3 до член 11-в односно одредбите за Механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, Заштита од пожар, Хигиена, здравје и заштита на работната и животната средина, Сигурност при употребување, Заштита од бучава, Ефикасно користење на енергија и топлинска заштита, Отстапување од основните барања за градбата, Непречен пристап и движење до и во градбата, Приклучок за гасоводна инфрастуктура, Простор за велосипеди и Физичка инфраструктура за обезбедување на електронски комуникациски мрежи за пренос со големи брзини, прецизира Министерството за транспорт и врски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, од вкупно 675 станови планирани за изградба со одобренијата за градење издадени во мај годинава, 186 станови се во Скопскиот регион, од кои 141 во Општина Центар, 23 во Гази Баба, … И во април годинава, од 89 планирани станови во скопските општини, најголем број се во Центар, 56, и во Гази Баба, 21. Издадените одобренија за март годинава, пак, покажуваат дека од 97 планирани станови во скопските општини, на територијата на Центар и на Карпош се 34, односно 39.

Статистичките податоци покажуваат дека во мај годинава се издадени 137 одобренија за објекти од високоградба, во април нивниот број изнесувал 145, во март 220, во февруари 199, а во јануари 169.

Народната банка регистрираше раст на цените на становите во Скопје во вториот квартал годинава, од 12,6 проценти на годишно ниво и на 1,6 проценти на квартално.  Во првиот квартал годинава растот на годишно ниво изнесуваше 18,8 проценти.

Автор: Лидија Велковска 

фото: Фросина Насковиќ, МИА архива

p0

Испрати коментар

Scroll To Top