Насловна / Вести / Безбедност и здравје при работа во градежништвото

Безбедност и здравје при работа во градежништвото

Работата во градежништвото е една од најризичните дејности во поглед на повреди и загрозување на здравјето на работникот. И покрај тоа што законската легислатива постои веќе неколку години, повредите при работа се зголемуваат се повеќе од година во година.

Зголемување на квалитетот на безбедното работење и здравјето на вработените во градежништвото, и воопшто на работните места, треба да биде примарна цел на секој работодавач.

Имајќи ги предвид тешките услови на работа и ризиците со кои се соочуваат вработените во градежништвото, треба да се преземат релевантни активности од страна на носителите на проектите, изведувачите на градба, надзорните органи и воопшто сите вклучени страни, за успешно завршување на секој проект без повреди и инциденти – како заедничка цел  на сите инволвирани страни. Според ова, потребно е да се направи План и програма за целосно спречување и избегнување на ризиците при работа, со помош на законската регулатива донесена во РМ.slika br.1

Како главна алатка со која треба да се започне од аспект на безбедност и здравје при работа е Законот за безбедност и здравје при работа, донесен во 2007 година, објавен во Сл. Весник на РМ бр.92/2007 и подзаконските акти со кои се доуредува законот, од кои како важни во областа на градежништото, ќе бидат наведени следните:

–        Правилник за минималните барања за безбедност и здравје при работа на привремени и мобилни градилишта (објавен во Сл. Весник на РМ бр.105/2008);

–        Правилник за безбедност и здравје при употреба на опрема за работа (објавен во Сл. Весник на РМ бр.116/2007);

–        Правилник за знаци за безбедност и здравје при работа (објавен во Сл. Весник на РМ бр.127/2007);

–        Правилник за личната заштитна опрема која вработените ја употребуваат при работата (објавен во Сл. Весник на РМ бр.116/2007);

и низа други правни акти кои го уредуваат процесот на работа.

Специфичноста на дејноста бара и организирање и спроведување на специфична заштита, особено во градежништвото каде најчесто истовремено се изведуваат работни активности од страна на повеќе изведувачи со присуство на голем број вработени од различни профили и стручност. Во согласност со постоечката законска регулатива, во спроведувањето на мерките за безбедност и здравје при работа во градежништвото, потребно е да се пристапи со огромна сериозност и детално да се дефинираат одговорностите на сите субјекти во оваа дејност.

Основни ризици со кои се соочуваат вработените на градилиште се следните:

  • Работа на височина;
  • Опасност од затрупување и од обрушување;
  • Вртливи или подвижни делови;
  • Пад на предмети од височина;
  • Неповолни атмосферски влијанија (работа на отворено);
  • Влажни и лизгави површини;
  • Рачно пренесување на товар;
  • Работа со опрема под напон;
  • Управување со градежни машини.

Како најчести причини заради кои се случуваат несреќи во градежништвото се наведуваат:

  • Неприменување на основните правила и процедури на работа;
  • Отстапување од пропишаниот и утврден процес на работа;
  • Работа на необезбедена висина;
  • Работа на необезбедени рабови на објектите од кои може да се падне во околниот простор;
  • Работа на непрописно монтирани скелиња;
  • Некористење на ЛЗО (особено на заштитен појас при работа на висина и заштитен градежен шлем);
  • Непрописно користење на опремата за работа;
  • Недоволна обученост на вработените; и
  • Невнимание и недоволна концентрација при извршување на работните активности.

За да се предвидат ризиците во градежништвото, потребно е да се дадат насоки на вработените, да се проверат условите во кои се извршуваат работните задачи и опремата со која се извршуваат работните задачи.

Во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа се одредуваат следните принципи:

  1. Избегнување на ризици.
  2. Проценка на ризик кој не може да се избегне.
  3. Елиминација на изворот на ризикот преку имплементација на современи технички решенија.
  4. Приспособување на работните места на вработените, особено со избирање на соодветни технолошки процеси, избегнување на монотонија на работната активност со цел смалување на негативните ефекти на здравјето на вработените.
  5. Замена на опасните технолошки процеси или методи со безопасни или помалку опасни.
  6. Давање на приоритет на колективните над индивидуалните мерки за безбедност при работа.
  7. Соодветна обука на вработените (општа обука за безбедност и здравје при работа како и насочени обуки, специфични за секое работно место) и изработка на упатства за безбедна работа.

Како компанија со добиено овластување од Министерството за труд и социјална политика на РМ, ДГПУ „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др.“ ДОО, ги врши следните услуги во спроведување на законската обврска и превентивното дејствување при работа:

–        Проценка на ризик на работни места, со концепт за изјава за безбедност;

–        Редовно тестирање и контрола на опрема за работа;

–        Мерење на микроклиматски услови и физички штетности во работна средина;

–        Изработка на упатства за безбедна работа;

–        Обуки на вработените за безбедно извршување на работата, според сопствена програма, насочени обуки, специфични за секое работно место;

–        Планови за безбедност и здравје при работа; и

–        Консултантски услуги на стручно лице за БЗР.

 

Изработиле:

Мирјана Ковачева Најдова, дипл.зем.инж.

Јасмина Ацковска, дипл.инж.тех.

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО)

Испрати коментар

Scroll To Top