Александар Митиќ и Младен Настасијевиќ се партнери во белградското архитектонско биро Студио А3, кое работи на белградска и прашка адреса. Од група студенти по архитектура кои работат на проекти од кои ги финансираат своите патувања, преку архитектонско биро за значајни интернационални компании кои работат на српскиот пазар, до фирма која проектира на повеќе континенти за различни клиенти, Студио А3 користи пристап кој веќе постои во други архитектонски средини.
За тоа колку е важна културата, каков однос има ова општество кон убавото, каде е денес Прага, Лондон а каде Белград, за нашето списание „Порта 3“ зборува архитектот Александар Митиќ.
Можете ли да ни кажете нешто повеќе за Студио А3?
Тимот А3 се појавува уште во текот на студиите по архитектура, 2003-2004 година, кога почнавме да работиме, како што тоа обично бива, проекти на ентериери, од првиот стан, кафуле и книжарница. Со тек на времето нашата работа стана сериозна и прераснавме во фирма. Студио А3 го основаат архитектите Александар Митиќ и Младен Настасијевиќ во 2008 година. Неколку години подоцна, со отворањето на прашкото биро, на тимот се приклучува архитектката Тереза Дворжакова, и во 2013 година се основа А3 Architects Prague.
Во 2005 година бевме учесници на еден проект во Фиренца, кој за тема го имаше културното наследство на градот, каде учествувавме како единствени студенти вон Европската Унија. Нашата работа таа година беше мошне забележителна. Две години подоцна, добивме повик за учество на многу интересен проект во областа Лигурија, позната како Чинкве тере (Cinque terre, пет гратчиња на морскиот брег), а проектот се состоеше во конципирање на висок туризам, но не во класична смисла на правење хотел со пет ѕвездички, туку тоа беше отворена тема.
Стан во Лондон – RA5 London
Ние тука бевме повторно единствени вон ЕУ и освоивме прва награда. Нашата идеја беше заштита и зачувување на културното и природното наследство на националниот парк со воведување на содржини кои функционално и естетски не би ја нарушиле постоечката целина, а би добиле потполно нов концепт кој подразбира вклучување на гостите во животот и обичаите на локалната заедница. Од моментот кога гостинот ќе стигне во националниот парк, користењето на мобилни телефони и Интернет се сведува на минимум, а гостинот се препушта во уживање на природата, културата и духовноста. Проектот предвидуваше три целини, село покрај морето, земјоделство како средно ниво и светилиште. Ние го користевме сето она што веќе постои, но со оживување на селото се воведе еден нов импулс во животот на националниот парк. Гостите се поврзуваат со локалната заедница, заедно функционираат во сите области од земјоделството, преку културата до пласирање на храната и намирниците што ги произвеле во локалната кооператива. Крајот на денот се поминува во светилиштето. Сите целини се поврзани со една жичарница.
Куќа на Паг – TS House
Дневна соба – TS House
Идејата на овој проект на крај беше прифатена како една појдовна точка за изработка на некој иден мастерплан. Благодарејќи на ова и на многу други студентски проекти, нашата кариера почнува да се движи по нагорна линија и резултира со отворање на бирото А3 Architects во 2008 година. Со препознавање и уважување на нашиот ентузијазам и работа, сериозни клиенти, како што се компаниите KPMG, Heineken, Delhaize, Idea, Banka Intesa, Marfin Banka, MPC Proprties & Merrill Lynch, NOA Advertising и други, искажуваат желба да работиме за нив, и наскоро нашето биро стана препознатливо како тим на млади архитекти кои работат со квалитет и принципи карактеристични за архитектонски бироа во развиените земји како Велика Британија. Соработуваме со австриската фирма „Бене“ која се занимава со опремување на ексклузивни и комплексни деловни простори. Тие нè ангажираат како свои консултанти за проекти ширум бивша Југославија и Русија.
Ресторан во Лондон – Cafe Laville
Ние работиме како консултанти – архитекти. Соработката добро се одвиваше сè до избивање на светската економска криза, кога виенската канцеларија го имаше преземено целиот наш регион, но сега се одвива во намален обем. Во текот на сите овие години, бевме ангажирани на различни проекти: резиденцијални објекти, деловни објекти, дизајн ентериери, ресторани, комерцијални објекти и др.
Имавме многу проекти во Виена, и таму сакавме да отвориме канцеларија, но на крај се одлучивме за Прага. Во Белград е седиштето на фирмата, додека одредени проекти ги префрлуваме во прашката канцеларија.
Прага е избрана од повеќе причини. Нам посебно ни беше важна културната врска и соработка помеѓу Чешка и Србија во почетокот на 20 век, кога беше златното доба на урбанизмот и развојот на Белград, некои од побитните архитекти во Белград беа чешки архитекти. Така настана идејата да отвориме студио во Прага, и тоа беше добра одлука.
Работата во Прага доста се шири, и сè повеќе има интересни проекти. Освен проектите во Белград, Лондон, Виена и Прага, добивме повик за еден многу интересен проект во Њујорк, прв проект од таков вид кој досега сме го работеле бидејќи секој детаљ во тој простор е посебно уметничко дело. Секое парче има своја приказна, уметничка и материјална вредност.
Тоа е типичен пример за проект-дизајн на ентериер каде архитектурата, уметноста и индустрискиот дизајн ги поврзавме во една перфектна целина. Се повеќе сме ангажирани на проектни ентериери во Лондон, каде што досега направивме бројни проекти.
Сите проекти се работат и конципираат во Белград, од идејни решенија до проекти за изведување, а потоа во соработка со локалните архитектонски бироа се приспособуваат на формата што е потребна за добивање на решенија и одобренија од локалните институции. Тоа е процедура која не мора секогаш да биде комплицирана, некаде е доволно да се однесе само идејно решение на основа на што се добива дозвола.
Тоа важи за поедноставни проекти. Мислам дека Прага е најкомплицирана што се однесува до администрацијата. Пред сè, тоа е поради односот кон културното наследство, потребно е да се оди на многу места, и ако на само едно место не добиете согласност, ќе морате целата постапка да ја повторите.
Куќа во Прага -Villa Nusle
Дали нивото на архитектура е повисоко во Прага отколку овде, со оглед на тоа што администрацијата таму е покомплицирана?
Нивото е значително повисоко бидејќи потребата за архитектура и за естетика е многу поизразена во Прага отколку во Белград, а тоа нема многу врска со администрацијата. Тоа може да се види на новите објекти каде архитектурата е на многу високо ниво, и слободно можам да кажам дека не заостанува од онаа што можете да ја видите во Лондон.
Тука не се работи толку за пари и буџет за инвестиции, колку што се работи за култура. Тоа е суштината. Тоа ги прави поразлични инвеститорите во Србија и на другите пазари. Тие сакаат нешто што е единствено, убаво и пристапот е многу посериозен.
Куќа на Фрушка гора – House 45
Кај нас многу често инвеститорот сака да го одреди дизајнот. За среќа, ние немаме такви инвеститори, но ако се проучува архитектурата во Србија, разликата е огромна, и тука се стекнува впечаток дека инвеститорите и не се нешто посебно заинтересирани за архитектурата.
Главната причина е културата, од неа сè потекнува и со неа сè завршува. Стандардот во Чешка е повисок отколку во Србија, но таа разлика не е доволно голема за да биде и разликата во ахитектурата толкава колку што е. Архитектурата, дефинитивно, е многу важен дел на културата на едно општество, можеби и најзначаен дел бидејќи тоа е оној материјален дел од културата што ја имаме.
Исто така, и законите се важни. Таму, ако сакате да промените што и да било на објектот, дури и кога се работи за големо унапредување на квалитетот, а тоа го направите надвор од стандардите и условите што ги добивате од локалните институции, сите промени мора да ги вратите во првобитна состојба, во спротивно инспекцијата ќе го направи тоа на свој трошок, па потоа вас ве теретат. А ако не платите, тогаш се презема принудна наплата. Тоа е единствен начин како може да се регулира и воведе ред.
Каков е методот, пристапот, сфаќањето за проектирање што го практикува Студио А3?
Тимот A3 architects дејствува глобално со цел изнаоѓање професионални решенија во областа на архитектурата и дизајнот на ентериери. Ние сме тим од млади и динамични архитекти посветени на дизајнот со висок стандард и на паметни решенија со искуство во проектирање деловни објекти, резиденцијални објекти, ентериери и јавни простори.
Со интердисциплинарни методи на проектирање засновани на истражувачка работа, во креативниот процес многу често вклучуваме експерти од различни области, како и самите инвеститори. Во текот на самиот процес на работа се водиме според принципите на одржливиот дизајн.
Стан во Њујорк – Loft 69 Soho
Што е архитектура?
Архитектура е култура. Би го цитирал Винстон Черчил: „Ние обликуваме згради, подоцна тие нè обликуваат нас“. И тоа е токму така, ние сме такви зависно во какви градови живееме и во какви објекти живееме и работиме.
Каде е денес Белград, како го гледа архитект кој работи во Белград, а има допир со архитектурата по светските градови, каде сме ние денес?
Прашањето е доста тешко, постојат моменти кога сум многу среќен што живеам во Белград, единствената права метропола во поширокиот балкански простор. Белград е вистински космополитски град кој е отворен за сите луѓе, стилови, култури и сите различности кои постојат. Отворен за нови идеи и креативни зафати. Она што многу ми пречи е непостоењето за потреба од култура, за убаво, за естетика.
Мене ми изгледа како да архитектурата и естетиката, генерално се небитна работа. Битно е да ја задоволи основната функција, а дали изгледа добро или не, тоа не е важно. Постои нешто што е тренд, јас тој збор не го сакам бидејќи имплицира нешто минливо, макар што повеќе се работи за универзални естетски вредности кои важат секаде. Да бидам искрен, Белград изгледа доста добро со оглед на буџетот со кој располага и површината што ја зазема.
Кога зборуваме за големи градови, нивната организација и одржување, парите сепак заземаат важно место, но не и пресудно. Белград е сериозен град со фантастичен потенцијал. Белград даде доста квалитетни експерти, можеби пропорционално на својата големина и повеќе од некои многу поголеми градови. Јас сум оптимист, верувам дека состојбата со тек на времето ќе се менува во позитивен смер. Веќе се менува, полека но сигурно.
Постои прашање на припадност, јас често престојувам во Лондон и се прашувам дали припаѓам таму, па истиот проблем го имам и кога ќе се вратам тука… тоа и не е така лошо, припаѓам таму каде што најдобро се чувствувам, честите патувања и промени на локации бескрајно ве инспирираат и културно ве збогатуваат.
Постоеше план целата работа да ја преселиме во Лондон, но одлуката беше главната канцеларија да остане во Белград, а ќе отвораме канцеларии во другите градови според потребите. Секако, следен ќе биде Лондон.
Ако општеството нема потреба од убаво, како да го промениме тој однос кон опкружувањето?
Добар пример е односот кон порталите што се занимаваат со архитектура. Промоцијата на архитектурата и нејзината важност се неопходни. Нам ни се потребни проекти на такви портали што ќе имаат светско ниво и информативен и едукативен карактер.
Исто така, неопходна е едукација на луѓето и задолжително граѓанско воспитување во основните училишта. За жал, тоа е сликата на нашето општество бидејќи таквите портали се полумртви. Средствата што се потребни за одржување на еден таков проект се прифатливи и за мала фирма, а посебно за град, општина или друго.
Тоа е нешто што може да ја промени свеста кај луѓето. Зошто луѓето имаат потреба да се облечат убаво? Потреба за убаво. А зошто тогаш немаат потреба да живеат во убаво опкружување, да работат во убав простор или да шетаат по убава улица?
E pur beauty clinic во Виена
Многу странци не можат да го сврстат Белград во категоријата на градови како што се Париз, Лондон или Мадрид, но тој има еден бескраен шарм и интересна архитектура која на некој начин им се допаѓа на сите, но никој не знае да објасни што е тоа што ги врзува за Белград. Велат, тоа е духот на градот, тоа се луѓето, тоа е интересната архитектура која нема стилски ред како Прага или Виена, но има една поинаква убавина која е единствена.
Можеби тоа е и вкрстување на култури, а целиот свет гледа предност во мултикултурноста. Тие култури кои се мешале низ историјата во Белград се причина зошто е тоа така, и тие ја создале нашата локална култура. Нам сега ни недостига тоа од страна, што повеќе различности со приспособување на белградскиот начин на живот кој е доста добар.
Градот не може да се споредува со Париз или Лондон, но може со Будимпешта, со Прага, можеби и со Атина, дури и со Виена. Њујорк е единствен град каде што се чувствував како да сум во Белград, како да сум во својот град. Има многу сличности, во луѓето и во атмосферата на стилот на живеење. Се што не ми се допаѓа таму го препознавам во Белград, како и добрите работи, а тоа не сум го видел во ниеден друг град.
Тука треба да се бараат паралелите, што направиле тие, како изгледаат денес. Сè се врти околу културата. Без култура нема архитектура.
Нашата архитектура најдобро ја отсликува нашата култура, и да се вратам на прашањето: што е тоа архитектура? Архитектура е материјалната култура на некое општество. Кога ќе ја видиш архитектурата, јасен е целиот концепт на живот на таа заедница.
Куќа на Паг – TS House
Што донесовте од странство во Србија, што може човек да земе од тие опкружувања и да примени овде?
Пред сè, тоа е атмосферата, не сакам да кажам дека носиме нешто поинакво, првенствено носиме овде она што недостасува бидејќи нашиот пристап е нов. Ние сето време учиме, и тоа е заради тоа. Ние не го измисливме начинот на работа, туку го пренесовме од Велика Британија, која за нас е репер и пазар каде конкуренцијата е огромна, а ние одлично се претставивме и продолживме таму да работиме.
Мојот совет до младите луѓе што се занимаваат со архитектура е дека Лондон е место каде најмногу може да се научи и да се види. Тоа е целиот свет во еден град. Начинот на работа ни ги донесе сите клиенти, главно тоа се инвеститори од разни земји како и странски компании, и тие сами доаѓаат до нас. Ние потоа ги следиме низ целиот пат, што го сметам за голем успех.
Кој влијаеше на Вас во текот на студиите?
Имав среќа да бидам во групата на Дарко Марушиќ, тоа не беше мој избор туку така се потрефи, од него многу научив. Студирав од 1999 година, а тоа беа многу турболентни години, во еден период мислев дека многу повеќе научив во средното архитектонско училиште отколку на факултет, верувам дека студентите многу работи мора сами да научат, а за тоа се потребни патувања. Во текот на студиите работев, штедев пари и потоа патував по различни градови, каде мислам дека најмногу научив.
Кога сфативте дека ќе бидете архитект?
Тоа беше уште во основно училиште. Уште тогаш бев сигурен во тоа, и знам дека направив прав избор. Не би можел да работам друга работа, со сите потешкотии кои ги носи работата, сè би направил исто. Единствено, можеби би студирал на друго место, првенствено заради пренесување на искуствата од страна на професорите.
Дали постои неостварена желба, нешто што сакате да направите а не сте го направиле досега?
Имам 35 години и уште ми е рано за таков пресек на состојбите, но нешто што ми е сон и желба се аеродромите. Најдобар аеродром на кој сум бил е сингапурскиот аеродром, макар што многу го сакам белградскиот. Многу сакам кога заминувам од него, но уште повеќе сакам кога се враќам.