На 28. октомври на одбележувањето 15 години од формирањето на АДКОМ, здружение во кое членуваат повеќе од 80 јавни комунални претпријатија, отворено се проговори за сите проблеми. Се апелираше добро да се разгледаат сите аспекти и штетни последици со почетокот на примената на Законот за зелените пазари, за задолженоста на комуналните претпријатија, према државните институции и према ЕВН, проблемите кои ги предизвикува постоечкото решение за статусот на вработените во ЈКП, недостатокот на возила и механизација во комуналните претпријатија, човечките капацитети, и висината на платите во претпријатијата.
Северна Македонија е загрижувачки се позагадена држава. Граѓаните заслужуваат чиста вода за пиење, здрава животна средина и квалитетни комунални услуги по пристапни цени.
Претседателот на УО на АДКОМ Зоран Горгиев на одбележување на годишнината порача: „Јавните комунални претпријатија се од исклучителна важност за секојдневието на секој граѓанин. Невозможен е ниту еден ден без нивната работа, затоа што, тоа би значело дека низ нашите чешми не би течела вода, а улиците би биле преполни со отпад“.
Претседателот на Владата Зоран Заев, во своето обраќање ја истакна важноста на овие претпријатија за да можат граѓаните да функционираат во чиста, здрава и достоинствена животна средина.
„На Владата останува да го одржи континуитетот за пристап на општините и на јавните комунални претпријатија до програмите за донации и грантови за развој, преку домашните, европските и другите меѓународни фондови. На вас останува да работите на оптимизирање и на намалување на трошоците во работата, на намалување на губитоците во системите“, потенцираше премиерот Заев на одбележувањето на јубилејот – 15 години АДКОМ.