Насловна / Вести / Без БИМ-техологија компаниите не се конкурентни на пазарот

Без БИМ-техологија компаниите не се конкурентни на пазарот

Една од најатрактивните и најбарани современи методологии е Градежното информатичко моделирање (Building information modeling – BIM).

Денешните успешни архитекти, градежни инженери, но и целокупната работна сила вклучена во градежната индустрија мора да се стекне со дигитални вештини и техничко знаење што ги бараат и инвеститорите и енергетската политика на ЕУ за дигитализација на оваа индустрија и за мерливи заштеди на енергија. Во Македонија речиси сите компании кои се занимаваат со проектирање тоа го прават во класичен CAD 2D/3D, а во суштина во тие проекти недостасуваат многу податоци кои подоцна се корисни за да се намали цената за изведба и одржување на објектот.

IMG_20220318_121607

БИМ Е ЕВОЛУЦИЈА

Игор Панчевски експерт по градежништво и нови технологии дава објаснување дека БИМ не е софтвер, туку дека тоа е методологија, тоа е комплетно дигитален процес. „БИМ-от е еволуција, тоа е револуционерен производ особено од 2010 година. Меѓутоа истиот потекнува некаде од 1984 година како идеја и замисла. Една од годините каде што се „прекршува“ и неговата употреба доаѓа до сè поголемо значење е 2004 година кога се претставуваат, со помош на дигитализацијата, централни модели на коишто сите учесници во изградбата, во проектирањето на еден проект може да учествуваат заеднички и истовремено. Оттогаш па наваму почнува сериозниот развој на БИМ-от за веќе од 2016 година добар дел од земјите во светот да почнуваат да го ставаат во нивната регулатива како обврска на сите тие што сакаат да добијат градежна дозвола, да се јават на тендер, да направат изведба, мора својата проектна документација да ја изработат во БИМ“, вели Панчевски. Во Македонија градежништвото, како традиционален сектор, не ја направи трансформацијата. Но, ќе мора компаниите да разберат дека ако не се дигитализираат комплетно тие веќе нема да бидат конкурентни на пазарот, додава Панчевски.

BIM

ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ПОБАРУВАЧКА ЗА БИМ

Според него кај нас тоа многу тешко се воведува. Тука уште сè се става на хартија, на ЦД. Побарувачката за БИМ е сè уште многу мала и сите активности се прават „на мускули“ за оние што малку знаат. „Во нашата држава се соочуваме со предизвици како непостоење побарувачка за БИМ, недостаток на вештини за имплементација на БИМ, непостоење култура за истовремена соработка на сите фазисти при проектирање како архитектура, машинство, електрика. За сето ова свој продонес треба да дадат приватниот сектор, индустријата, компаниите за градежни материјали, коморите и професионалните асоцијации, како и државните институции. Треба да почнат да го промовираат БИМ во своите компании и да се обидат заеднички да издејствуваат проекти од ваков тип со коишто ќе можат да им го пренесат своето знаење на фирми што немаат вакво искуство“, објаснува Панчевски.

BIM1

Сега засега кај нас полека почнуваат да се будат малите компании, каде што менаџментот е пофлексибилен, каде што процесот на одлучување е многу побрз и тоа преструктуирање го прават менаџерите коишто биле, виделе некаде и сакаат да пронајдат нови пазари. И ако прашате зошто е потребна дигитализација? БИМ е дигитална технологија која не зависи од локацијата. Со БИМ обучена фирма може да дава услуги каде сака во светот, тоа е бенефитот. А, дигитализацијата на тие фирми не чини многу пари. Чинат софтверите, но и тука има такви што се отворени и може да ги користат архитектите и инженерите и да создаваат БИМ-модели, да ја спроведат целата методологија и тоа да чини минимална инвестиција, нагласува Панчевски.

Компаниите сакаат, но проблемот е што не знаат како да почнат. Затоа е добро што кај нас УНДП учествуваше уште од 2020 година, ангажираше консултанти од Шкотска, каде што на дел од нашите фирми овде го предадоа целото свое знаење и како да тргнат во дигитализација на своите процеси и како да оди префрлањето на БИМ. Затоа што БИМ не е само да го научите софтверот за правење, туку мора како фирма да се дигитализирате комплетно ако сакате да овозможите комплетна услуга. Шведска уште во 2019 година е првата земја што изведе проект од 200 милиони евра без ниту еден отпечатен документ. Сè беше дигитално, комплетен процес. Тоа треба да е она кон што треба да цели градежништвото, додава Панчевски.

BIM2

СО БИМ-ПРОЕКТ ДО ПОГОЛЕМИ ЗАШТЕДИ

Проект изработен во БИМ, вели Панчевски, носи најголеми заштеди подоцна во изведбата и одржувањето на објектот. Доколку некој проект е изработен во БИМ и ако се јави некаков проблем при одржувањето многу едноставно се лоцира проблемот и точно се знае каде треба да се интервенира, а не да се прекопа целиот објект за дури тогаш да се решава проблемот. Со дигитален проект ја имате целата инсталација во објектот со само еден клик на компјутерот, а тоа значи помалку пари за поправка и се разбира пократко време.

IMG_20220318_124237

За сите градежни и проектантски компании во земјава, Панчевски дава совет да почнат своите инженери и архитекти да ги обучуваат, да ги праќаат на курсеви да добиваат познавања од делот на БИМ-технологијата. Имаме можности, постојат специјализирани курсеви во Македонија од каде што може да се земат сертификати. Кога ова тело во една компанија ќе се обучи, тогаш се оди на следното ниво, на менаџментот, изведбата, одржувањето. Меѓутоа прво треба самите фирми да почнат да стануваат свесни за можностите и придобивките, паралелно треба да се оди со подигање на јавната свест.

Тој дава пример за тоа што се случува во светот на полето на БИМ. Велика Британија е светски лидер во спроведувањето на БИМ, од 2016 година сите големи проекти се во БИМ Ниво 2. Во САД 72 отсто од градежните фирми користат БИМ. Во Франција над 500 илјади куќи се проектирани со БИМ во 2017 година. Норвешка, Данска, Финска и Шведска се глобални лидери во усвојувањето и спроведувањето на БИВ за сите јавни објекти, додека во Германија со БИМ се сите инфраструктурни проекти до 2020 година.

Своите ставови Панчевски ги изнесе на еднодневната медиа работилница организирана во рамките на проектот „Премостување на јазок кај вештините за создавање нови и подобри работни места“, поддржан од Британската Амбасада и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). На работилницата беа презентирани проектите интервенции на терен насочени кон три клучни индустрии (текстилна индустрија, градежништво и обновливи извори) и тоа преку дигитална трансформација на работните процеси и усвојување нови вештини и креирање нови работни места (future jobs).

Испрати коментар

Scroll To Top