Градот Загреб тргнува во борба против „дивите“ одлагалишта на отпад. Мерките со кои се сака да се промени моменталната состојба (30 илегални одлагалишта) се: бетонска и жичана ограда, преносни камери, засилена контрола на комуналните редари, како и дополнителна едукација за граѓаните. Новиот предлог мерки би требало да излезе пред советниците во Градското собрание за две недели. Притоа, планирано е камерите да се преместуваат од еден дел на градот во друг, согласно потребите односно појавата на недозволено одлагање на отпадот. Казните се движат од околу 700-1000 куни за физички лица (95-135€), односно 4000 -9000 куни за правни лица (550-1200€). Овие казни важат за јавни површини. Доколку граѓанинот го одложи отпадот на својот имот, тогаш редарот му издава налог за негово отстранување, па ако тоа не се направи во пропишаниот рок, тогаш градските служби го отстрануваат и му доставуваат сметка на сопственикот на имотот.