Проектантското биро Saxe од Сан Хозе, Костарика и канцеларии во Лондон и Лос Анџелес, зазема глобален став и решава локални проблеми. Под покровителство на ова биро внимателно се истражуваат, промовираат и развиваат локалните градежни традиции и стилски идентитети. Секој од нивните проекти се карактеризира со ново, секогаш различно проектантско решение во кое новите форми и функции ги бришат границите помеѓу природните живеалишта и населениот простор.
Нивната куќа CasaBell LLoc е сместена на врвовите на ридот на градот Санта Тереза во Костарика, од кои се пружа импресивен поглед на океанот. Поради екстремниот пад на теренот, приватните простори на спалните соби „потонале“ во земја. На тој начин тие се природно климатизирани, а воедно овозможуваат главниот простор за живеење да ја добие најдобрата визуелна положба. „Пловечки“ тераси и базен ја комплетираат неприкосновеноста на погледот и положбата. Прилагодувањето на топографските услови овозможило и создавање на илузијата за вистинската големина на објектот, кој своето вистинско лице го открива дури во делот на дворот. На пристапниот фронт на куќата има низ бетонски ѕидови кои ја штитат и го прикриваат она што се дознава дури по влегувањето во пристапниот ходник – присуство на базен и непрегледен океан во далечината.
Задржувајќи ги јавните простори за живеење горе, а поинтимните на пониските коти на објектот, авторите го наслушнуваат теренот и неговите природни карактеристики и според нив создаваат функционално-употреблива шема на простор. Секој простор што го допира теренот е поцврст и затворен, а за разлика од него, секој надземен простор е лесен и отворен. Долгата, сеопфатна линија на кровот ја штити куќата од влијанијата на временските услови и го врамува просторот со базен што се надвиснува над џунглата, но така што тој самиот останува под отворено небо. Забележителен гест е обложувањето на целата долна површина на кровот со дрво, што дава впечаток на топлина на целата површина на куќата. Речиси целиот мебел е направен од дрво. Така дрвото ја презело најзначајната улога во создавањето на интимна, домашна атмосфера и врската со (исклучително природен) амбиент.
Инвеститорите на овој дом биле експлицитни во нивната желба поголемиот дел од објектот да се гради во бетон поради издржливост, лесно одржување и заштита од топлина. Еден од предизвиците бил и создавањето на отворени простори во рамките на зоната на дневниот боравок, со бетонски греди со голем распон и лесен кров што овозможува попречно проветрување за време на дождливите и влажни месеци од годината. Резултатот е низа потпорни ѕидови под кои има приватни простори, како и греди и столбови над кои просторот се отвора кон прекрасниот поглед на океанот.
Оваа куќа е практичен доказ дека современиот материјал како што е бетонот може да се користи обилно без ризик од жртвување на основните биоклиматски принципи на тропскиот дизајн, како што се долгите кровни настрешници, попречната вентилација, собирањето вода и многу други. Исто така, во уметничка смисла, оваа куќа е ново сведоштво дека бетонот може да има и естетска предност, со оглед на тоа што бруталистичката и индустриска архитектура веќе не убедија во тоа пред повеќе децении. Бетонот што се користи во овој проект е мазен, текстурално рафиниран, но тонски разигран. Ефектот што се постигнува во ентериерот не е ниту ладен, ниту топол, туку неутрален, кој во својата суштина не парира на амбиентот, туку ја дозволува, ја подразбира и ја прима во себе неговата надмоќност.