Во затворена заедница во Северен Бангалор, Индија, парцелата во форма на квадрат на која е сместена оваа куќа од јужната и западната страна е покрај пат. Врз основа на барањата на клиентот, пристапот на архитектите од бирото Crest Architects, бил да проектираат скромна куќа со посебен акцент на природна светлина и вентилација. Процесот на проектирање и изборот на материјали за изградба биле под влијание на рентабилен буџет.
Целта на архитектите била да создадат компактен распоред кој ќе ги задоволува барањата на клиентот, истовремено воспоставувајќи чувство на просторност за да создаде рамнотежа на поврзаност и приватност. Југозападната фасада е речиси целосно рамна со тесни прозорци за да се избегне јакото сонце.
Овие прозорци се нагласени со камени рамки т.н. Sadahalli, кои ги врамуваат привлечните погледи кон околниот пејзаж. Основата се состои од дневен боравок, трпезарија, кујна и три спални соби и бањи, содржини распоредени на два ката.
Просторите наменети за дневен боравок и трпезарија се со двојна висина, отворени за да се добие поглед на уредената градина, а застаклените кровни прозорци овозможуваат доволно природно светло да се инфилтрира во куќата.
Завршните обработки од бетон и бели малтерисани sидови, предизвикуваат суптилен амбиент и во внатрешноста и во надворешноста. Јазикот на дизајнот низ целата куќа е замислен да биде едноставен, што го рефлектира начинот на живот на клиентот, велат архитектите за ArchDaily.