Уште во минатото се покажало дека кралските семејства воделе грижа за уредувањето и одржувањето на нивните градини. Нивните градини, најчесто се изработени во геометриски стил, ја прикажуваат својата беспрекорност и моќ.
Низ годините се покажало дека и покрај нивната позиција членовите на кралските лози се големи љубители на градинарството, па така и принцот Чарлс за кој се смета дека е страствен љубител на градините не се плаши да ги извалка рацете, честопати придонесувајќи во работата во градината од неговиот дом. Во продолжение неколку зборови за некои од најубавите кралски градини.
Градината на принцот Чарлс во Хајгрув
Ова е една од најголемите градини со површина од околу 15 хектари, во која се среќаваат диви градини, формална градина и отворена кујна која ги одразува интересите на принцот Чарлс во органски и одржливи принципи на производство на храна.. Во оваа градина има голем број видови дрвја меѓу кои и националната колекција на букови дрвја и други листопадни видови, како и дива цветна ливада со повеќе од 30 видови локални растенија.
Гигантските камени садови од земјите како што се Јордан, Јужна Африка и Италија – коишто најчесто му се даваат на принцот како подароци – служат како домови за голем број на цвеќиња, додека бистите на Чарлс, исто така подароци, ја красат оградата во градината во близина на Хајгров дом, изградена во 1796 година. Градината изобилува со делфинииуми, омилени цветови на Чарлс, како и голем број перени и сезонски цвеќиња, вклучувајќи лилјани, рози и хортензии.
Градината на кралицата – Бакингамската палата
Градината во Бакингамската палата, официјално лондонска престолнина и работен штаб на британскиот монарх, е оаза од 39 акри сместена во средината на градот и воедно најголема приватна градина. Уште се нарекува и градина на кралицата. Таму е местото каде што кралицата Елизабета II ги одржува своите летни прослави. Централната карактеристика на градината е езеро кое датира од 19 век. Тука се вклучени зимскиот летен дом, розариумот и еден од најголемите градинарски орнаменти во Велика Британија – Ватерло вазна од 15 метри издлабена од едно парче мермер кое тежи околу 20 тони. За одржувањето на градината се грижат осум редовни градинари. Најчести видови кои се среќаваат во оваа градина се индиски костен, сребрен јавор, мочуришен чемпрес итн.
Градините Сандрингем
Имотот Сандрингем е приватна сопственост на кралицата и се наоѓа на 20.000 хектари земјиште во близина на селото Сандрингем во Норфолк. Овие градини се сметаат за едни од најдобрите од сите кралски градини и со мирни шумски прошетки се доаѓа до драматични каменести градини. Од растителните видови има голем број на рододендрони, азалеи, лаванди и рози. Во оваа градина има и формална градина, летувалиште над езерото со голем број каскадни потоци, голем број видови на даб и комеморативни дрвја. Секое кралско семејство кое живее тука низ генерациите додава нешто свое за да остави печат на градината.