Од локалната самоуправа најавуваат уште неколку бесплатни паркинг простори во Охрид. Бесплатно ќе биде паркирањето на автомобили на неодамна уредениот паркинг кај Долни Сарај, на паркингот на улица „Илинденска“, кај Античкиот театар и над театарот, пред куќата на Уранија, на просторот кај црквата „Св. Варвара“ на улица Илинденска, кај црквата „Света Софија“, крак од улица „Коста Абраш“ од левата страна, на паркингот кај Сараиште, пишува ohridnews.
Бесплатното паркирање летово се однесува на жителите од месна заедница „Стар град“, за кои во одреден период од денот им е дозволен патен сообраќај. На наведениот простор дозволено ќе биде да се движат и специјални возила на МВР, АРМ, санитарни, комунални, погребни и ППЗ возила. За сите останати сообраќајот во стариот дел од градот е забранет, потенцираат од локалната самоуправа.
Како минатата, така и оваа година, бесплатно ќе биде паркирањето и на следниве локации: просторот пред Горна Порта од десната страна, кај спортското игралиште во Средното економското училиште, на просторот од десната страна на улица „Караорман“, од улица „Димитар Влахов“ до булевар „Туристичка“ покрај гимназијата „Св. Климент Охридски“, на просторот кај Здравствен дом, на левата страна од улицата „Јане Сандански“ – наспроти Комерцијална банка и на просторот пред ОУ „Братство и Единство“ на улица „7-ми Ноември“.