SeaWorld Abu Dhabi, огромниот воден парк во Обединетите Арапски Емирати, ќе ги отвори своите врати следната година на островот Yas и ќе им овозможи на посетителите да влезат во чудесниот простор од 183.000 квадратни метри, посветен на живиот свет во океаните и морињата.
Уште сега големо внимание привлекува изградбата на најголемиот затворен аквариум на светот, која полека се приближува кон крајот. Аквариумот со 25 милиони литри вода ќе биде живеалиште за 68.000 животни, кои ќе може да се набљудуваат преку застаклена површина висока 20 метри, на повеќе нивоа. Темата на аквариумот е „бескраен океан“, а идејата е да се симулираат природните живеалишта на различните видови, кои би требало да живеат подеднакво складно како во природата. Меѓу најавените атракции се и интерактивните изложби кои посетителите ќе ги одведат од Северниот до Јужниот пол, како и проектот Yas Island SeaWorld Research and Rescue Center. Истражувачкиот центар ќе се занимава со проучување на морињата, грижата за животната средина и спасување на загрозените видови. Научниците ќе го пренесуваат своето знаење на посетителите, а ќе се организираат и еколошки акции со цел подигање на глобалната свест за зачувување на планетата.