На седница на Берлинскиот Сенат одлучено е да се приклучат на иницијативата на германските градови, кои ја повикуваат германската федерална влада да ги промени прописите и да ги овласти локалните власти да воведат максимално ограничување на брзината од 30 километри на час. Дополнително, иницијативата поттикнува подобрување и поголема употреба на јавниот превоз, што придонесува за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, но и подобар квалитет на живот и воздух и одржливост во заедниците.
Врз основа на предлогот на сенаторот за животна средина, мобилност, заштита на потрошувачите и клима Бетина Јараш, берлинскиот сенат одлучи да ја поддржи иницијативата на германските градови „Lebenswerte Städte durch angemessene Geschwindigkeiten“, која ја повикува германската федерална влада да воведе максимална брзина од 30 километри на час во урбаните средини.
“Иницијативата се залага за измена на државната регулатива за патен сообраќај, според која локалните самоуправи би можеле да одлучуваат за воведување ограничувања на брзината онаму каде што е потребно или пожелно. Ова во моментов не е можно бидејќи ограничувањето на брзината од 30 километри на час на главните патишта може да се воведе само по исклучителен случај, но доколку сакаме да ја зголемиме безбедноста на патиштата и значително да го намалиме бројот на смртни случаи и сериозни повреди во сообраќајот на патиштата, потребни ни се повеќе опции за воведување на ограничување на брзината.Забавувањето на сообраќајот е клучно за поголема безбедност на патиштата“, рече сенаторката Бетина Јараш.
Иницијативата беше покрената во јули 2021 година од градовите Фрајбург, Лајпциг, Ахен, Аугсбург, Хановер, Минстер и Улм, а досега ѝ се приклучија повеќе од 60 германски градови и општини. Келн, Франкфурт, Дизелдорф, Бон и Манхајм се меѓу главните градови кои поддржуваат воведување на максимална брзина од 30 километри на час, а сега им се придружува и германската престолнина.
Во суштина, иницијативата ја повикува германската федерална влада да создаде законски предуслови под кои самите градови и општини можат да постават максимална брзина од 30 километри на час во целиот град или во делови каде што сметаат дека е потребно. Германското здружение на градови (Der Deutsche Städtetag) го поддржува воведувањето максимална брзина од 30 километри на час како стандардна брзина во урбаните средини, освен на главните патишта, и смета дека предлозите на иницијативата се добра основа за тестирање и спроведување на пилот проекти во градовите и општините.
Новата законска рамка за патниот транспорт што ќе и даде на локалната самоуправа поголеми овластувања е неопходност, а во исто време е во согласност со можностите за решавање на проблемите за заштита на животната средина, транспортот и урбаниот развој, велат од Германското здружение на градовите. Забавувањето на движењето на автомобилите создава предуслови за значително поголема безбедност на патиштата, како и подобар квалитет на живот и воздух, намалување на бучавата и промовирање на одржливост во урбаните средини.