Das Progressive Zentrum, независен институт со седиште во Берлин, ги повикува активистите посветени на заштита на климата и животната средина, да се пријават за Програмата за климатски стипендии за млади. Конкурсот е наменет за кандидати од Централна и Источна Европа, како и од Западен Балкан, со намера да се придонесе во глобалниот дијалог за климатските промени. Целта на Програмата за климатски стипендии за млади е зајакнување на посветеноста на 25 активисти преку обуки, работилници и пристап до експертска мрежа во склоп на подготовките за претстојната Конференција на Oбединетите нации за климатски промени, COP28, која на крајот на годинава ќе се одржи во Дубаи.
Во текот на седуммесечната програма, покрај тоа што избраните кандидати ќе имаат можност да посетуваат обуки, работилници и сл., предвидени се и три образовни и едно студиско патување за климатските политики во Европа. Стипендијата изнесува 1.350 евра, а платени се сите трошоци за патување и сместување. Рокот за пријавување е 30-ти април.
Критериумите за конкрсот се следни:
- Работа на прашања од областа ан заштита на климата како волонтер, студент или млад професионалец во разни организации (граѓански, политички и сл.)
- Старост од 18 до 26 години, и државјанство или престој во една од следните земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Косово, Македонија, Полска, Романија, Србија, Унгарија, Црна Гора и Чешка.
- Прифаќање на обврска за учество во седуммесечната програма.
- Добро познавање на англискиот јазик и солидни комуникациски вештини.