Берлин гради инфраструктура за собирање на дождовницата. Во овој град, се поголема површина е прекриена со бетон и асфалт, а поради сушата и самата почва се помалку впива вода. Системот за фекална и атмосферска канализација често се доведува на граница на својот капацитет. Имено, во текот на обилни дождови, овој капацитет се надминува, па вишокот се прелева директно во реката Шпреја, без да мине низ постројката за прочистување на отпадни води. Од друга страна, не некои места во Берлин протокот на водата во каналите е низок, па таа долго се задржува на тие места. Доаѓа до намалување на нивоата на кислород и бројни последици по живот свет во тие води. Во изминатите години, Берлин се соочил со сериозен недостаток на вода поради сушата.
Затоа, почнувајќи од 2018 година, Берлин работи на пронаоѓање на начини за складирање на дождовницата, со цел да се избори со сушата и да се спречат поплавите. Избрана е примената на принципот град- сунѓер. Таа стратегија ја зголемува отпорноста на градовите на поплави со воведување на порозни материјали во изградбата на урбаната инфраструктура, како и зголемување на зелените површини. Првиот чекор во реализацијата на оваа амбициозна цел е изградбата на неколку подземни резервоари за собирање на дождовница. Потоа оваа вода може да се испумпа кон постројката за прочистување, пред да се испушти во каналите и реките. Веќе се завршени девет вакви објекти. Најголемиот резервоар за дождовница ќе биде завршен до 2026 година, и тоа во самото срце на градот, на помалку од два километри од Бранденбуршката капија. Ќе биде длабок 30 метри и ќе може да прими речиси 17.000 метри кубни вода. Освен овие резервоари, градската управа пропишала сите проекти на резиденцијални објекти да разработат стретегија за собирање на дождовницата. На пример, неодамна бил изграден нов резиденцијален блок, со вештачко езеро кое има улога и за собирање на дождовница.