Компанијата Vattenfall, заедно со комуналното претпријатие за управување со отпад Berliner Stadtreinigung, и претпријатието кое управува со водоводот Berliner Wasserbetriebe, стартуваше проект за одржливо производство на топлинска и електрична енергија. Reuter West е електрана – топлана на јаглен со два блока, и е најголемата постројка на компанијата Vattenfall Heat. Снабдува со греење 400.000 домаќинства. Со оглед дека Берлин планира централното греење да го направи климатски неутрално до 2045 година, партнерите во овој проект на локацијата на споменатата електрана – топлана ќе изградат систем со четири топлински пумпи и една парна турбина, до 2026 година. Како извор за топлинските пумпи ќе се користи температурата на отпадните води. Од системот за спалување на отпадот, топлината веќе се користи за генерирање на енергија преку парна турбина, која во склоп на проектот ќе биде заменета со поефикасна. Ќе биде проектирана со капацитет од 110MW топлинска и 30MW електрична енергија.