Пред 34 години во Чернобил се случи една од најголемите нуклеарни катастрофи. Електраната во чиј реактор с еслучи кобната експлозија, се наоѓаше во близина на градот Припјат во Украина (тогашен СССР), на само 16 километри од границата со Белорусија. Токму затоа, Белорусија во голема мера ги почуствува последиците од оваа катастрофа. Но, тоа не ја спречи оваа држава неодамна да ја пушти во погон својата прва нуклеарна електрана, која ја изгради руска компанија („Росатом“), и има инсталиран капацитет од 2400MW.
Ова значајно ја вознемири Литванија, чија престолнина Вилнус се наоѓа на само 40 километри оддалеченост од белоруската нуклеарка, Имено, литванските власти долго се противеле на изградбата на оваа нуклеарка, тврдејќи дека проектот не гарантира неопходна погонска сигурност, а го доведувале во прашање и квалитетот на изведбените работи. „Росатом“, руската државна нуклеарна корпорација која ја изградила електраната, ги отфрлила овие обвинувања, тврдејќи дека доследно се испочитувани сите меѓународни стандарди поврзани со безбедноста, а тоа е потврдено и од страна на надзорното тело на Обединетите Нации. Од „Росатом“ исто така уверуваат дека имаат нулта толеранција кон корупцијата и внатрешниот контролен систем кои оневозможува било какви илегални активности. Работата на оваа нуклеарка ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 10 милиони тони годишно. Сепак, и покрај овие силни уверувања од страна на изведувачот, самата изградба не минала без инциденти. Најсериозниот инцидент се случил во јули 2016 година, кога дошло до лизгање на дел од реакторот. На инсистирање на белоруските власти, „Росатом“ во целост го заменил реакторот, иако првчно челниците на руската компанија тврделе дека нема никакви оштетувања.
Во изминатите недели пред пуштањето во работа на оваа нуклеарка, литванските власти му поделиле на своето население во пограничната област таблети со јод, како превенција во случај на истекување на радиоактивен материјал.
Во нашиот поширок регион, нуклеарки имаат Романија, Бугарија, Хрватска и Унгарија. Сите овие земји или веќе градат или се подготвуваат за изградба на нови блокови.