„Градот е секогаш реализација на приказните што ги раскажува за себеси“.
Бел град Црн град Архитектура и војна во Тел Авив и Јафа, Шарон Ротбард
Во јули 2003 година делови на Тел Авив-Јафа беа прогласени за дел од светското културно наследство на Унеско. Одлуката беше донесена врз основа на неговите специфични обележја, квалитетот на градско планирање од 20 век и бројката од 4.000 модернистички објекти. Следствено, градската администрација и туристичката индустрија ја искористија етикетата „Бел град“ за брендирање и заокружување на историски и архитектонски вредносна приказна.
Во летото 1984 година, кураторот Михаел Левин ја започна приказната за Белиот град на Тел Авив. Подготвени со тенок каталог за изложбата, краток текст и скромен изложбен простор, Левин успева да ги помести границите како куратор – тој сосема го трансформира начинот на кој граѓаните на Тел Авив гледаат на сопствениот град.
Наеднаш, преку ноќ Телaвивјаните стануваат бескрајно горди на градското културно наследство од модерната и сопствената адреса на живеење.
Живеејќи во сенката на стариот град Јафа, исцртувањето на Белиот град јасно создава диференцијација помеѓу сивилото на предградието, историскиот град Јафа и Белиот град на модерната. Едноставните објекти, „белите кутивчиња“ преку ноќ стануваат рудници на злато и бизнис за недвижности роден од воздух.
На преминот од 19 во 20 век, старото пристаниште на Палестина, Јафа, постои како мини град со мешовита популација на христијани, Евреи и муслимани. Заради зголемувањето на популацијата и нехигиенските услови, еврејските фамилии се населуваат надвор од границите во населбите Неве Цедек, Неве Шалом и Крем Ха-Тејманим на северот од Јафа.
Градот се преименува во Тел Авив во 1910 година земајќи го своето еврејско име од книгата на Теодор Херцл „Altneuland“ ( Старо-нова земја). Романот е продолжение на текстот од Херцл за имагинарен Еретц Израел/Палестина и објаснува детално тотална утописка програма на европска неолиберална израелска населба зачната во Палестина.
Во продолжение на тоа, именувањето на Тел Авив и целосната реализација на оксиморонот на Херцл стои како автентичен пример за тоа дека книгите всушност можат да реализираат градови.
Во 1925 година Патрик Гедес го презентира новиот мастер план за градот. Во овој период исклучително бројните преселби на еврејски имигранти носат многу архитекти кои пристигнале во Палестина со своето знаење за модерната архитектура и германскиот Баухаус.
Од големо значење е тоа што, како што напишал Михаел Левин во својата статија „Архитекти кои го донесоа Баухаус во Израел“, само неколкумина од архитектите го заокружиле сопственото образование на институцијата Баухаус. Иако Баухаус истакнува јасна опозиција на користењето на терминот „стил“, Израел останува можеби единственото место во светот кое го популаризира и во кое егзистира Баухаус стилот.
„На Блискот Исток сè е поврзано со територија – со потребата за наоѓање дом“. Територијата на Белиот град се протега на трите главни булевари Ротшилд, Шен и Бен Гурион, каде што има најголема концентрација на објекти изградени во интернационалниот стил.
Без пауза, еден до друг, во секој објект за домување се препознаваат основните принципи на новата архитектура според Ле Корбизје: слободно проектираното приземје, рамниот кров кој можат да го користат жителите на куќата, лентовидните прозорци и слободниот дизајн на фасадата. Во 2000 година на улицата Дизенгоф се отвора Баухаус центарот кој служи како платформа за создавање на свесност за архитектонското наследство и катализатор на културен и уметнички развој.
Баухаус центарот е поделен на четири делови: 1. Библиотека – каде што има значителен број на публикации поврзани со еволуцијата на градот; 2. Галерија – која презентира документарни изложби за Тел Авив и неговата архитектура, култура, луѓе, дизајн и фотографии; 3. Архитектонски тури низ градот кои се насочени кон трите главни булевари и 4. Продавница која нуди различни дизајн колекции како и простор за локални уметници и дизајнери да ги прикажат и продаваат сопствените производи.
Следејќи ја картата на Баухаус центарот со обележаните објекти кои се вредни да се посетат, индивидуално се добиваат малку поинакви впечатоци за Белиот град. Повеќето од објектите се наоѓаат во многу лоша состојба и сè уште не се реконструирани и заштитени и покрај максималната популаризација на модерната архитектура.
Многу мал број од објектите се всушност бели, познатиот архитект Жан Нувел при своето пристигнување и погледување на Тел Авив забележал: „Ми кажаа дека градов е бел. Дали гледате бело? Јас не гледам ништо бело“. Во последните години УНЕСКО упатува сериозни и критички забелешки за облакодерите што се градат во близина на објектите од модерната архитектура, како и загриженост за задржување на автентичноста на градскиот асамблаж.
Слично како и кај многу светски територии, економскиот успех и финансиските придобвки наспроти реконструирањето и зачувувањето на архитектонското наследство, сè уште го имаат главното влијание на урбаните места. Сепак, живеењето во средина со толкава концентрација на модерна архитектура, споделувањето на секојдневието во таква сценографија е повеќе од задоволство и желба за секој архитект.
Јонатан Мендел во својата статија „Фантазирајќи за Израел“ во London Review of books потенцира дека Тел Авив е ембрионот на Јафа односно дека: „Тел Авив е најверојатно најнапредниот и космпополитски од сите палестински градови, со пристаниште, со индустрија, со интернационален образовен систем и активен културен живот.
Во 1949 година кога Јафа бил скоро потполно празен град (само 4.000 жители останале од 70.000), Израелската влада одлучила да ги спои двата града во еден метрополис којшто ќе се нарекува Тел Авив-Јафа. Со ваквата одлука Бен Гурион не само што создал нов Тел Авив кој бил „дел“ од библиската Јафа, туку и засекогаш го избришал палестинскиот град.
Импликациите на оваа историографија одат многу подалеку од историјата на модерната архитектура или нејзиниот превод во локалните традиции и се вкоренети во политичката историја на Средниот Исток и државата Израел.
Историјата на Тел Авив, што е презентирана како архитектонска историја, може да се набљудува како поширок процес во кој физичкото обликување на Тел Авив и неговите политички и културни конструкции се поврзани и играат одлучувачка улога во конструкцијата на случајот, на алибито и апологетиката на израелските живеалишта низ државата.
Во таа смисла, истражувањето на историјата на Тел Авив ги прикажува политичките бои на модернистичката архитектура и архитектурата на Израел коешто истовремено покажува како историјата може да влијае на географијата. Како една приказна може да создаде стар-нов град.