Некаде кон средината на февруари, за време на предизборната кампања, во реновираната зграда на Народниот музеј беше претставена стратегијата Белград 2030 година. Во ек на кампањата, но и видните промени кои ги доживува Белград последниве години, ова е прв пат некој да ги поврзе идните планови во јасна стратегија.
На презентацијата говореа Горан Весиќ, заменик-градоначалничк на Белград и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, што ѝ даде одредена тежина на самата стратегијата, бидејќи развојот на Белград не може да се гледа како исклучиво локално прашање, туку и како национално прашање на развојот на Србија.
Белград 2030, звучи помалку футуристички и далечно, иако е тоа релативно скорешен датум за развојната стратегија. Се разбира, дел од развојот од стратегијата веќе е во полн замав за да може да се постигнат резултати во следните седум години, но идејата за поставување на стратегијата за развој за толку краток рок е прилично храбар потег, освен ако тоа не се се користи во политичка кампања.
БЕЛГРАД ИМА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ
Пред сè, одлично е што Белград има стратегија за развој. Без разлика на големите промени на подобро во главниот град на Србија во последната деценија, добро е што овие промени беа најавени преку една стратегија и на некој начин обединети. Вака потешко ќе се стекне впечаток дека се работи за неповрзани промени кои се случуваат стихијно. Белград мора да има стратегија за развој за 10, 20 и повеќе години. Најавената идеја на стратегијата е таква што не треба да зависи од персоналните решенија на ниво на град, туку треба да се спроведува без разлика на констелацијата на силите на политичките чинители, што е дискутабилно дали тоа навистина и би се случило.
КОНКУРЕНТНА УРБАНА ЕКОНОМИЈА
Стратегијата е поделена на девет области, првата област која носи наслов Конкурентна урбана економија претставува развојна стратегија која се базира на економија на знаење, на трговија, туризам, преработувачка индустрија и земјоделство, а не на евтини ресурси и ниски заработки. За да се оствари тоа, потребно е да се постигнат резултати во подобрување на инфраструктурата и сообраќајната пристапност. Второто поглавје е Општествена одговорност и еднаквост, Белград како град на шанси и еднакви можности за сите, како и акцент на младите и креативните простори кои тие ќе ги користат. За тоа беше најавена реконструкција на Шеќераната и на „Старата ложионица“, кои ќе станат нови „хабови“ за креативните поединци.
СООБРАЌАЈОТ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ
Најголемиот и најзначајниот дел од стратегијата се однесува на сообраќајната инфраструктура, која навистина има потреба од најголеми промени. Сообраќајот во Белград, со константно зголемување на бројот на патнички возила секоја година и со лимитирана инфраструктура, претставува еден од најголемите проблеми на градот во моментов. Според планот Белград 2030 година, градот во таа година ќе има две метро линии долги 41,2 километри со 44 станици, што претставува многу смело ветување бидејќи Белград штотуку почнува со изградба на метро-систем.
Покрај тоа, најавено е дека ќе се унапреди системот на БГ-возови, кој ги поврзува градот и околните општини со 40 нови композиции и 500 поаѓања дневно, што исто така претставува многу смела изјава.
Најавена е изградба на два нови тунели, едниот што ќе ги поврзе савската и дунавската страна на Белград, на потегот од околината на Економскиот факултет до Панчевачкиот мост, и другиот кој претставува дел од системот на Внатрешниот магистрален полупрстен.
СЕДУМ НОВИ МОСТОВИ
Смело е и тврдењето за седум нови мостови во Белград, новиот Савски мост на местото на стариот Савски мост, чие преместување предизвика многу полемики, иако денес е најнефункционалниот мост во Белград и тесно грло во сообраќајот. Мостот кај Ада хуја, мостот кај Винча, два пешачки моста кои би ги поврзале Ада Циганлија и големиот воен остров и два моста за потребите на системот на БГ-воз.
Унапредување на сообраќајот претставува и стратегијата сите возила на јавниот превоз во Белград да бидат еколошки возила до 2030 година, што е уште една смела изјава, но и реална насока во која треба да се развива Белград. Исто така, планирана е и изградба на велосипедска инфраструктура во должина од дури 150 километри нови патеки, што е навистина импресивно, бидејќи Белград нема развиена инфраструктура за велосипедски сообраќај.
ЗАВРШУВАЊЕ НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА
До 2030 година треба да биде завршена железничката станица Белград центар, која беше пуштена во употреба пред шест години, свечено отворена, но сè уште не е довршена, како и новата автобуска станица, која оди доста бавно, но напредокот во изградбата во последните неколку месеци е забележлив. Со нејзината изградба би се овозможило целосно преместување на постојната и привремена станица од сегашниот простор, каде што таа парцела би можела да биде интегрирана во просторот на Белград на вода, како што е и планирано.
ЛИНИСКИ ПАРК
Она што е во полн ек, а може да ги радува белграѓани е изградбата и завршувањето на линискиот парк кој се протега практично од Бранковиот мост до СЦ „Милан Гале Мушкатировиќ“, и практично го претставува просторот помеѓу Калемегдан и вливот на Сава и Дунав. Станува збор за проект кој е поделен на повеќе целини, а секоја целина ја развива друго архитектонско биро на млади архитекти на просторот на поранешната железничка инфраструктура, која е отстранета поради укинување на старата железничка станица и потребата од таа инфраструктура заврши. Тоа ќе биде интересен јавен простор со голем број содржини и начини на поврзување на градот со реката.
Покрај тоа, предвидено е уредување на 100 паркови и изградба на нови, како и на 40 нови државни градинки.
ПАРК ЗА НОВИ ТЕХНОЛОГИИ
Малку подалеку од центарот на Белград, на простор кој не е толку забележлив за луѓето што престојуваат во центарот, предвидени се два значајни проекти. Првиот, со кој се решава навистина горливиот проблем е изградбата на пет фабрики за отпадни води за тие повеќе да не се испуштаат во реките. Ова е еден од повеќедецениските проблеми што треба да се реши, можеби и како приоритетно прашање. Вториот е изградбата на индустриски парк во Борча, на левиот брег на Дунав, во дел од градот кој инфраструктурно и социјално мошне заостанува зад остатокот од Белград. Станува збор за проект кој со години се најавува како дел од соработката со Кина. Делува неверојатно тука да се изгради парк за нови технологии, но не би било толку големо изненадување, бидејќи Кина вложува и инвестира надвор од нејзините граници, а Србија има доста добри традиционални односи со Кина.
Од видливите проекти кои се најавени е и новиот музеј на Никола Тесла, на брегот на Дунав на местото на некогашната централа и уредувањето на просторот на Теразиската тераса, за кој се распишани неколку конкурси во последните 80 години, но никогаш ништо не е реализирано.
Меѓу другото, беше спомнато и едно тврдење кое спаѓа во доменот на научната фантастика или лесно дадено политичко ветување, а тоа е дека просечната плата ќе изнесува дури 200.000 динари, што е некаде околу 1.700 евра. Гледајќи ги сите можни економски настани во светот, тоа е навистина смело тврдење и делува како да излегува малку од рамката на планирање на развојот на градот.
МОРА ДА СЕ ИМА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ
На крај, Белград мора да има стратегија за развој, урбан, економски, социјален и демографски, дури и ако не се исполнат сите поставени цели. Секојдневните промени на кои сме сведоци мора да имаат јасен план и да делуваат дека се дел од синхронизиран пристап кон развојот на градот, со јасна идеја за тоа како треба да изгледа еден град со нешто помалку од два милиони жители и како треба да го планира својот развој во децениите што доаѓаат.
Колку е навистина реално, останува да видиме, периодот е релативно краток, плановите се прилично амбициозни, а Белград се навикна на промените што го прават подобар град од тоа што бил вчера.