Многу градови ширум светот имаат по некој т.н. архитектонски „бел слон“, што е назив за објект чија изградба проголтала многу пари, не се вклопува во средината и, конечно, објект кој нема никаква фунционалност или со други зборови не служи за ништо, туку само генерира трошоци.
За повеќе конкретни вакви примери, како и за потеклото на самиот назив на овој феномен веќе пишувавме на нашиов портал. Овој пат ќе се осврнеме на состојбата по однос на оваа тема во нашето соседство, поточно во Белград.
Главниот град на некогашната голема држава СФРЈ, неодамна се најде во фокусот на неделникот за дизајн и архитектура „Monocle 24“, како град со повеќе објекти кои се категоризираат како „бели слонови“. Главната причина стручњаците ја лоцираат во постоењето огромни згради на поранешни институции на федерацијата (административни, воени, политички итн.), кои денес поради поинаквите размери и потреби на Србија како самостојна држава, веќе се на некој начин вишок и под итно треба да им се најде некоја друга намена или функција.
Од друга страна, пак, новиот проект „Белград на вода“, кој предвидува повеќе објекти и содржини на површина од 1,8 милиони метри квадратни на десниот брег на Сава, и кој според проценките би чинел околу три милијарди евра, веќе предизвика многу контроверзии. Дел од стручната јавност веќе предупредува дека овој проект може да се претвори во „бел слон“, но исто така може лесно да стане параван за перење пари и други коруптивни активности.
Повеќе групи граѓани, меѓу кои и организацијата „Не да(ви)мо Београд“, организираа протести, укажувајќи не само на непотребното трошење буџетски пари, туку и на невклученоста на мислењето на јавноста во донесувањето на одлуките и наменските измени во легислативата за градење.
Инаку, проектот „Белград на вода“ предвидува изградба на најголмиот шопинг мол на Балканот, околу 6.000 резиденцијални единици, 24 деловни и комерцијални објекти и централно поставена кула (Кула Белград) со височина од 200 метри.