Белгија планира револуционерен потфат во областа на обновливи извори на енергија преку изградба на вештачки енергетски остров. Проектот под името „Остров на принцезата Елизабета“, ќе има капацитет од 3,5 GW и ќе биде сместен во Северно море, на околу 45 километри од белгискиот брег. Планирано е островот да стане клучна точка за интеграција на енергијата произведена од ветерните електрани во белгискиот електроененергетски систем.
Финансирањето на првата фаза од овој проект е обезбедено преку „зелен кредитен ангажман“ во вредност од 650 милиони евра, потпишан помеѓу белгискиот оператор на електроенергетскиот систем Elia Transmission Belgium (ETB) и Европската инвестициска банка (EIB). Овој пионерски проект има за цел намалување на зависноста на Белгија од фосилни горива, како и поддршка на напорите на Европа во остварувањето на целите во областа на зелената енергија во склад со амбициите на ЕУ во поглед на обновливите извори.
Островот ќе биде завршен до 2027 година и ќе има потенцијал да снабдува преку 3 милиони домаќинства со електрична енергија. Ќе има улога на центар за идните хибридни интерконектори, кои ќе овозможат размена на енергија помеѓу Белгија и соседните европски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија. Robert de Groot, претставник на EIB, вели дека овој проект не само што ја зајакнува енергетската инфраструктура на Белгија, туку и ја поттикнува соработката со соседните земји преку воспоставување на важни интерконектори. Проектот е поддржан од страна на REPowerEU иницијативата, која има за цел намалување на европската зависност од увоз на фосилни горива и забрзување на преминот на одржливи извори на енергија, како и од страна на Европскиот фонд за опоравување и отпорност во склоп на програмата NextGenerationEU.