Насловна / Архитектура / Бележит учесник во развојот на македонската култура на просторот

Бележит учесник во развојот на македонската култура на просторот

Годинава одбележуваме 100 години од раѓањето на професор Борис Чипан, а јас со моите 75 сѐ уште се напојувам од изворите на неговото творештво.

Тој своето знаење го пренесуваше на студентите во непосреден контакт низ јасен збор и коректен цртеж, покажувајќи карактеристики на голем ерудит и близок соговорник. Веројатно затоа, за присуство на неговите предавања се бараше столче повеќе. Чест ми е што тогаш бев негов студент, а подоцна и негов помлад соборец во откривањето и соопштувањето на вистината за архитектонската проблематика.

Движејќи се на релацијата традиција – современост, својот поглед професорот Чипан го имаше свртено пред сѐ кон иднината, не заборавајќи да ги истражува и на креативен начин да ги интерпретира поуките од минатото. Тој, на интелигентен начин сакаше да создаде пријателска коегзистенција меѓу старите и новите вредности. Истражувањата на таа проблематика резултираа со малата, но вредна книга Изразни средства на современата архитектура во градови со историско наследство (1970).

IMG_8325 [HD]_resize

За професор Чипан секогаш ми се наметнуваат неколку прашања. Од каде потекнува, како израсна, како се создаде и како созреа таква величина, која долги години даваше разновидни богати плодови во македонското културно поднебје? Одговорите на тие прашања би можел да ги даде еден интердисциплинарен тим, преку паралелна анализа на неговата активност, како архитект-конзерватор, артхитект-проектант, универзитетски професор, истражувач во повеќе области, па и како значаен учесник во развојот на македонската култура на просторот.

Професорот често истакнуваше: ,,Станав архитект навидум случајно, но имаше нешто во мене кое во одреден момент се склопи во една идеја“. Тоа ,,нешто“ во него се има таложено долго време, уште од раното детство и годините поминати во стариот Охрид. Самиот истакнува дека животот покрај езерото и историјата, сам по себе ги оплеменува луѓето. Неговото младешко нуркање во историјата се случува во една девствена природа на чист воздух и бистра вода и во амбиент на карпестиот брег покрај ненадминливата црква ,,Св. Јован Канео“. На тој брег, потпрен на топлите карпи, младиот Чипан поминува долги часови на просветлување, љубопитно читајќи безброј книги.

IMG_8433 [HD]_resize

Историјата на уметноста, архитектурата и урбанизмот, професорот Чипан ги има осознаено на лице место во градот на неговото детство. Тој забележува дека урбаниот профил на Охрид наликува на дивогрба камила, при што на едниот рид била сместена државната власт, на другиот верската, а меѓу нив биле распоредени градските куќи и некои објекти со јавни содржини. Со такви позитивни влијанија веќе бил предодреден неговиот животен пат, по кој ќе наидува на неочекувани крстопати. На тие крстопати, секогаш ќе се потсетува на зборовите на својата мајка: ,,Секое дете си има свој ангел чувар, што му го покажува правиот пат“.

По завршување на основното образование добива стипендија за да се запише во белградска гимназија, под услов да продолжи на Воена академија. Живеејќи во скромни услови во големиот град, тагувајќи по својот Охрид по една година се прилагодува и станува одличен ученик, ослободен од полагање матура. Согласно стипендијата тој се пријавува за упис на Воена академија, но со помош на „ангелот чувар“ не е примен поради диоптрија.

Тогаш, ангелот чувар го упатува да се запише на Техничкиот факултет, каде во тек на првиот семестар осознава дека постои посебен отсек за архитектура. Како студент, тој веднаш се истакнува со својот талент за цртање и за сликање акварел, така што професорите го повикуваат за свој соработник. Во 1940 година проф. Бранислав Којиќ  со група студенти прави архитектонско снимање на конаците на Авзи-паша во Бардовци и на некои селски куќи во околината на Скопје и Охрид. Исцртувањето на снимките му го доверува на Борис Чипан, кој тоа го прави слободорачно на маркантен начин. Таквата презентација ќе повлијае и на другите наставни предмети, програмите да се исцртуваат без помош на посебен прибор.

IMG_8213 [HD]_resize

За време на студиите, Чипан доаѓа во контакт и со други влијателни професори, од кои црпи значајни сознанија како Богдан Несторовиќ, Ѓурѓе Бошковиќ, Богдан Поповиќ. Поблиска соработка тој воспоставува со проф. Александар Дероко, кој му доверил да направи цртежи за неговата книга за средновековните градови и тврдини во Македонија. Во тој период Чипан зема учество на анонимен студентски конкурс за изработка на проект за дом на културата. Во композицијата на објектот, тој вметнува елементи на македонската куќа, со кои веќе се има запознаено во родниот Охрид. Таквиот проектантски пристап, членовите на комисијата, особено проф. Дероко, го оценуваат многу позитивно доделувајќи му прво место. Тоа претставува прва победа на Борис Чипан на еден архитектонски натпревар.

Борис Чипан на Факултетот дипломира под необично сложени околности. Ментор му е проф. Којиќ, а темата е Центар на селска населба. Меѓутоа, на 27 март 1941 година во Белград се случуваат антифашистички демонстрации и насетувајќи ја воената опасност, со помош на анеглот чувар, на 1-ви април се враќа во својот Охрид. По завршувањето на воените дејства, тој добива дозвола од бугарските власти да отпатува за Белград со цел да ја доврши дипломската задача. Иако Факултетот тогаш не работел, проф. Којиќ успева да ја собере Комисијата за постапката да биде официјално завршена.

IMG_8415 [HD]_resize

Враќајќи се дома, архитектот Борис Чипан со себе ги донесува не само стекнатите знаења, туку и немирниот истражувачки дух, интересот и трагањето по традиционалните вредности, а пред сѐ возбудливата љубопитност за новото. Се разбира дека во окупираната татковина не постоеле поволни околности за развој на неговиот раскошен талент. Во такви услови, тој е поставен на должност во Техничкиот оддел на Обласната служба во Битола, а следната година во Одделот за издавање градежни дозволи во Охрид.

По ослободувањето на земјата, градителите се поставени пред голем број предизвици, како да се обноват опустошените и осиромашени населби. Материјални средства немало, а градители уште помалку, бидејќи непосредно по војната во Македонија имаше само четири архитекти: Сотир Томоски, Михо Чакеља од Хрватска, Иван Артемушкин (руски емигрант) и се разбира младиот Борис Чипан. Поставени пред тешката задача за обнова и без кадар, во овој пресуден момент македонската архитектура нема никаква можност за какви било теориски и концепциски промислувања.

Самиот Чипан во 1944-1945 година, како инженер во војската добива задача да гради мостови на ослободената територија околу Пехчево. Иако таков предмет нема учено, тој сепак успева да ја исполни поставената задача, за што сведочат неговите теренски скици. Набргу, тој е поставен една година да работи врз обнова на селските населби, а во 1946 година на служба во Градскиот народен одбор е поставен за референт по архитектура и урбанизам.

Спасот од оваа таму-ваму теренска работа се случува во 1949 година, повторно со помош на неговиот ангел чувар. Тогаш во посета на Македонија дошле неговите ценети професори Александар Дероко и Бранислав Којиќ за да дадат свој предлог за зајакнување на архитектурата на црквата ,,Св. Софија“ во Охрид. По нивна желба, еден ден со архитект Чипан тие разгледувале и фотографирале низ Скопје, поради што биле приведени од полицијата. По нивното енергично барање, тие успеваат да се сретнат со министерот за просвета. Тој ги прима со извинување и професорите ги замолува да му предложат стручњак, кој ќе раководи со идниот Завод за заштита на културно-историските споменици. Двајцата експресно му одговориле дека ,,Човекот што го барате седи пред вас. Чипан уште како студент успешно соработуваше со нас на таа проблематика.“

IMG_8241 [HD]_resize

Така во 1949 година во Македонија почнува да работи една значајна републичка установа, сместена само во три канцеларии во конакот на црквата ,,Св. Спас“ во Скопје со пет  вработени. Проф. Чипан додава ,,Го чекавме уште сликарот Здравко Блажиќ, кој беше во Прага на специјализација за конзервација на подвижни уметнички дела, а дојде следната година после кавгата со Информбирото“. Така, со мал број кадри, но со силна финансиска поддршка од Републичкиот фонд почнува да работи Заводот. Чипан раскажува дека Здравко Блажиќ правел вистински чуда во конзервацијата на иконите и фреските, откривајќи имиња на значајни ктитори и зографи. Совршено конзервирани, тие биле изложени во штотуку обновениот Даут-пашин амам, а потоа на југословенската изложба во Париз.

Иако кадровски сѐ уште недоволно екипиран, Заводот се зафаќа со конзервација на големи и значајни објекти, како што се Даут-пашиниот амам и археолошкиот локалитет Стоби. Таквите обемни зафати успешно се реализирани под раководство на архитект Чипан и со учество на мајстори од оперативата кои постепено се усовршуваат во таа специфична област.

За 1951 г. Чипан се присетува ,,И тогаш дојде на ред Св. Софија охридска, еден значаен конзерваторски зафат, финансиран од сојузната Влада, подготвуван и надгледуван од сојузна комисија, составена од еминентни експерти од Југославија. Подоцна беше консултирана и специјалистичка комисија од УНЕСКО, со стручни членови од Франција и Италија.“ Периодот 1951-58 година за Чипан претставува еден вид херојска борба со конзерваторските проблеми, која подетално е опишана во неколку негови публикации.

Борис Чипан е назначен за раководител на сите работи врз објектот, а Блажиќ за конзервација на фреските. Во тоа својство, тие се испратени на двомесечна специјализација во Франција и Италија. Во Франција Чипан се запознава со многу финеси од областа на заштитата, а во Италија со архитект Фернандо Форлати поминува речиси цел курс по конзервација и реставрација на архитектонски споменици.

IMG_8470 [HD]_resize

По враќањето во Охрид, конзерваторите Чипан и Блажиќ почнуваат со обемните и сложени зафати врз црквата ,,Св. Софија“. Најтежок рестравраторки проблем претставувало исправувањето на кон надвор отклонетиот јужен ѕид на наосот, при што требало да се спаси и конзервира исклучително вредниот фрескоживопис. Блажиќ, живописот мајсторски го симнува врз специјална дрвена скара и така ослободува фронт за работа на Чипан.

Ѕидот, Чипан го облекува во жакет од дрвена оплата и со челични затеги привремено го анкерира за подножјето однадвор на северниот ѕид. Претходно во затегите се вградени навои со рачви, со чија помош буквално рачно, без каква било механизација ѕидот е успешно вратен во вертикална положба, за која цел се употребени и дрвени кајли во неговото подножје. По санацијата на ѕидот и покривањето на објектот, и фреските со дрвената скара успешно се вратени на првобитното место. Во сета таа постапка, значајна била и консултацијата со меѓународно афирмираните стручњаци, особено италијанецот Форлати.

Борис Чипан се присетува дека за време на тие херојски години низ црквата ,,Св. Софија“ поминаа голем број студенти практиканти, кои беа сместени во шатори поставени во црковниот двор. ,,Св. Софија“ беше школа за голем број конзерватори од Југославија и често пати посетувана од видни византолози, кои во 1962 година во Охрид го одржаа XII Светски византолошки конгрес. Сите скици, цртежи, макети, записи и сочувани бројни фотографии од тие важни настани се наоѓаат во збирката на архитект Борис Чипан, која се чува во Музејот на Град Скопје и која во голем дел е објавена во публикацијата Борис Чипан – по трагите на еден модернист (2017, стр. 72). Но, бидејќи работата врз црквата ,,Св. Софија“ за Борис Чипан претставува ,,најголема радост и носталгија за неговата младост“, на зрели години успева тие настани и стручни зафати, на маестрален начин да ги остави во наследство за идните генерации во монографијата Света Софија – катедрален храм на Охридската архиепископија (1996).

И покрај големиот ангажман околу црквата, Борис Чипан успева да најде време и за конзервација и реставрација на 20-тина куќи од XIX век. Притоа, тој е убеден дека тие не претставуваат само сведоштво за нашето историско минато, туку и значаен туристички потенцијал. Тој од претходно имаше архитектонски снимки на вредните куќи околу палатата на Робевци (публикувани во книгата Стара градска архитектура во Охрид, 1955). Неговата иницијатива добро ја проценил Лазар Колишевски, кој за таа намена му ,,препорачал да троши пари колку што може“. Со таков ентузијазам и разбирање почна рестраврацијата на старите вредни куќи, но за жал во следните десетлетија таа активност постепено се намалуваше, така што старата градска архитектура стана загрозен вид наследство, иако е ставена под патронат на УНЕСКО.

Широкиот архитектонски дух на Борис Чипан не му дава мир, така што паралелно со заштита, тој наоѓа време да се занимава и со проектирање и публицистика. Тој изработува примерни проекти за судски згради во Штип, Битола и Велес, кои и денес солидно функционираат. Во 1959 година архитектот-конзерватор Борис Чипан трпи неаргументиран притисок од државен финансиски ревизор, со задна намера директорското место во Заводот да го отстапи на една партиска личност. И тука, пак се вмешува неговиот ангел чувар, кој го насочува да се пријави и да биде избран за наставник по предметот проектирање општествени згради на Архитектонскиот отсек, каде остава длабоки траги во едукацијата на бројни генерации студенти.

Истовремено со наставната дејност, проф. Борис Чипан се занимава со архитектонско проектирање, архитектонско истражување и теорија на архитектурата, незанемарувајќи го и вредното градителско наследство. Исто така, тој зема учество на анонимни архитектонски и архитектонско-урбанистички конкурси, на кои повремено освојува награди. Така во 1961 година, на конкурсот за проект на ЦКСК на Хрватска, заедно со арх. Петар Муличковски ја споделува втората награда (прва не е доделена).

Тоа подоцна придонесува архитект Муличковски да изработи вреден проект со слична намена за потребите на ЦКСКМ.

Професорот Чипан има направено уште низа проекти за нови објекти и има напишано неколку труда од областа на архитектонско-урбанистичката проблематика, за кои посоодветно е да зборуваат неговите поблиски соработници од кабинетот. Што се однесува до неговото ремек-дело зградата на МАНУ, јас одамна имам објавено опширна стручно-научна анализа во списанието за култура на просторот  ,,А:“ (број 2,  1985), при што истакнувам дека создавањето на објектот е направено според методата на инвенција: инспирација од наследените регионални вредности и нивна современа интерпретација според принципот на асоцијација. Нагласувам дека имитацијата на наследството за проф. Чипан и за мене претставува еден вид уназадување на архитектонското творештво. Архитектонските квалитети на овој значаен објект придонесуваат проф. Чипан да ги добие наградите:

11 Октомври за едногодишно остварување (1977) и

Сојузна награда за архитектура на весникот Борба (1977).

Главните тези на инвентивната метода за интерпретација на наследените вредности, проф. Чипан веќе во 1970 година ги изнесе во публикацијата Изразни средства на современата архитектура во градови со историско наследство, додека во 2005 година тие тези ги продлабочува и надградува во публикацијата Традиција и современост во архитектурата.

Работејќи како професор, проектант и публицист, проф. Чипан и понатаму ја негува конзерваторската практика. Тој раководи со конзервацијата на црквата ,,Св. Наум“ на охридското крајбрежје (1964), го проектира и подига Меморијалниот музеј во Тетово (1967) и Меморијалниот музеј на Кочо Рацин (родната куќа на поетот во Велес, 1968). Секако дека посебно внимание заслужува конзервацијата на црквата ,,Св. Пантелејмон“ во Нерези (1967), која беше напукната од земјотресот 1963 година. Во ѕидовите е вметнат скриен армиранобетонски скелет поставен врз темелни армиранобетонски перници, со што се отстранува опасноста од надолжно напукнување на објектот, затоа што неговата северна половина лежи врз помека почва.

Треба да се напомене дека денешната конзерваторска теорија и практика бараат отстранување на некогашните скриени бетонски конструкции и нивна замена со материјали, кои се компатибилни со автентичните стари конструктивни состави. Како и да е, голем дел од конзерваторската практика на Чипан претставува составен дел на моите истражувања, како и дел од предавањата по групата предмети од заштитата и рестраврацијата на градителското наследство, за кое што сум му благодарен.

Сите наведени и ненаведени достигнувања на Борис Чипан во развојот на културата на македонскиот простор придонесоа, освен веќе споменатите награди да добие и:

-награда 7-ми Ноември за животно дело на Охрид (1978),

-награда 11 Октомври за животно дело на Р Македонија (1983) и

-награда Андреја Дамјанов за животно дело од областа на архитектурата и

 градителството на Сојузот на архитектите на Македонија (1990).

По неговото заминување во 2012 година, Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, во 2014 година ја воспоставува Годишната награда за архитектура Борис Чипан.

Јас сум убеден дека присуството на Борис Чипан меѓу нас придонесе на еден посебен начин да бидеме духовно побогати и сметам дека од неговиот творечки дух ќе се напојуваат уште многу голем број генерации.

 

Автор: проф. д-р Михаил ТОКАРЕВ, дипл.инж.арх.

фото: Станко НЕДЕЛКОВСКИ

IMG_8400 [HD]_resize

Испрати коментар

Scroll To Top