Пред само пет години, проектот Desertec беше славен како енергетски проект на столетието. Идејата на моќните енергетски компании да произведуваат електрична енергија за Европа од сонцето во Африка – онаму каде што потенцијалот е најголем, беше навистина револуционерна. Но денес, сè повеќе компании му вртат грб на овој проект.
Иако потенцијалот од сончевото зрачење е огромен во овој дел од светот, а северноафриканските земји се исклучително заинтересирани за странски инвестиции, се чини дека нивната политичка нестабилност се наметна како еден од клучните фактори. По Арапската пролет инвеститорите и банките се соочија со нови ризици, а се работи за одлуки тешки милијарди евра. Од минатата недела и германскиот гигант E.ON најави дека се откажува од проектот.
Проектот Desertec вреден околу 400 милијарди евра, имаше амбициозна цел до 2050 година да обезбедува сериозни количини енергија за Европа, и со тоа да го ослободи стариот континент од фосилните горива.