Познатиот, но за жал и контаминиран Ist River, сигурно не е првото место на кое мислат жителите на Њујорк кога сакаат да пливаат, бидејќи водата е многу брза, а истовремено е и многу загадена.
Сепак, четворица иноватори го насочија својот ангажман кон чистење на оваа водена површина со голем пловечки базен во форма на знак плус. Оттука и името на овој проект „+ Pool“.
Имено, тие смислија начин да филтрираат повеќе од 2.200 кубни метри вода од Ist River на дневна основа без употреба на никакви хемикалии или адитиви. Најдобро од сè, луѓето ќе можат нормално да се капат во овој базен, како и да уживаат во панорамата на Големото јаболко.
Иако Ist River е само теснец, опасно е ако некој се обиде да плива низ него, или ако некој случајно падне. Брзината на водата во Ist River е околу четири јазли, а потенцијалните пливачи би имале многу малку места каде што би можеле да излезат на брегот. Дури и искусните пливачи водата ќе ги вовлече до океанот. Поради големо загадување, Ist River е опасна за луѓето кои се обидуваат да пливаат во неа, иако во средината на 2007 година водата беше почиста отколку што беше со децении, пишува Њујорк Тајмс.
Сепак, на повидок е иновативно решение. Зад проектот „+ Pool“ стојат Арчи Ли Коутс IV и Џеф Френклин од дизајнерската фирма PlayLab, како и Донг-Пинг Вонг и Оана Станеску од архитектонската фирма Family. Тие го дизајнираа овој базен уште во 2010 година, но за ваков голем и необичен проект, требаше време да се реализира.
По долгогодишно истражување и развој на системи за функционална филтрација, четворица пријатели успеаја да докажат дека технологијата „+ Pool“ работи ефикасно, пишува Architectual Digest.
Проектот неодамна доби градежна дозвола, а базенот се планира да се отвори за околу две години. Останува предизвикот да се соберат помеѓу 20 и 25 милиони долари, но тоа нема да биде проблем бидејќи се очекува оваа инвестиција брзо да се исплати од билетите.
Така, овој базен ефикасно ќе ја прочисти водата и истовремено ќе им овозможи на жителите на Њујорк да уживаат во отворениот олимписки базен со чиста солена вода.