Насловна / Вести / BAU Munich со функционални и убави решенија

BAU Munich со функционални и убави решенија

Саемот BAU Munich веќе со години е водечки светски саем за архитектура, градежни материјали и системи, најголем и најважен настан во градежната индустрија, чие мото е „Иднината на градењето“. Оваа година се одржа од 14 до 19 јануари. На Саемот кој се протега на 200 илјади квадратни метри во 18 хали учество земаа 2.250 изложувачи од 45 земји во светот, а бројот на посетители достигна бројка од 250 илјади кои пристигнаа од над 150 земји. Поголемиот број на изложувачи беа компании од европскиот пазар, со напомена дека оваа година се забележуваше доста помал број на изложувачи од Азија.

IMG_7953

Најголем број од посетителите оваа година се од земјата домаќин – Германија, а потоа следуваат соседните земји: Австрија, Швајцарија и Италија, како и Русија, Кина и Израел. 98 отсто од посетителите го имаат опишано саемот како одличен, а 97 отсто се имаат изјаснето дека ќе го посетат повторно за две години, односно во 2021. Во склоп на саемот се одржани и голем број предавања, чиј акцент е ставен на дигитализацијата, која е иднината во градежништвото, а BAU e најдобра платформа за презентирање на тоа пред огромна, стручна публика, каде е промовиран digitalBAU – нов концепт на саем во соработка со Германската асоцијација за изработка на градежни софтвери, кој за првпат ќе се одржи од 11 до 13 февруари 2020 година во Келн, Германија, со тенденција да се одржува на секои две години.

IMG_7855

Саемот и оваа година го задржа истото ниво кое го има последните 10 години, фирмите и оваа година нудат комплетни решенија за кои покриваат одредена позиција – фасадни системи, рамни или зелени кровови, индустриски подови, бањи, базени… Решенијата вклучуваат дизајн во кој се разработени сите детали, материјали и методологија на вградување и резултати од тестирање на системот – сертификат.

IMG_7839

Кај голем дел од фирмите присутни на саемот се забележува сè поголемото присуство на материјали за забрзано работење, односно материјали кои побрзо ги достигнуваат своите финални карактеристики. Главниот акцент за оваа карактеристика е ставен на материјали за изработка на подови кои брзо втврднуваат и можат да бидат оптоварени по неколку часа од апликацијата, како и хидроизолации и лепила за плочки со скратено време за работа.

IMG_7853

На саемот можеа да се најдат голем број на производители кои нудеа класични термоизолациони фасадни системи со завршна обработка од акрилатен и лиминерален малтер. Покрај класичните решенија, понудата беше збогатена со декоративни малтери и обработки за внатрешна и надворешна обработка со металик изглед, како и на обработка со воедначена боја врз која се додаваат елементи за корозија, со што се добива уникатна обработка во зависност од распределеноста на корозивните полиња и степенот на корозија што ќе го постигне елементот.

IMG_7865

Од аспект на внатрешна термоизолација, интересно решение за термоизолациона и акустична изолација со двојна функција се подлогите во функција на цементна кошулка изработени од топчиња од експандиран полистирен и минерално врзно средство.

Во контекст на заштеда на енергија, на саемот беа презентирани многу интересни, функционални и убави решенија за панели, изработени од лесен бетон, каде како агрегат се појавува стиропор. Ако саемот претставува насока за развој на производството на градежни материјали, тогаш секако треба да се очекува развој на фасадни бетонски панели од овој тип, каде рецептурата на бетонот, технологијата за изведба, квалитетот при вградување на бетонот и дизајнот треба да се изработат до перфекција, со цел да се постигне саканата естетика и квалитет. Во овој дел значајно е да се спомне дека развојот се враќа на веќе познатите системи во функција на новиот брутален стил во архитектурата, а развојот повторно се препишува на техонологијата и хемискиот состав.

IMG_7950

IMG_7848

Испрати коментар

Scroll To Top