Како една од водечките туристички дестинации во Европа, шпанската метропола Барселона објави план за забрана на издавање станови на туристи во градот до ноември 2028 година, се со цел да се олесни долгорочната криза во сферата на домувањето.
Оваа мерка, која ја најави градоначалникот Haume Kolboni, се воведува со цел да се намалат трошоците за изнајмување за жителите на каталонската престолнина, да се подобри животниот стандард и да се зголеми достапноста на станбени единици по пристапни цени во градот.
Во изминатите десет години, порастот на краткорочните издавања во Барселона предизвикале зголемување на цените на киријата за 68 отсто, а цените за купување куќи за 38 отсто, што значително придонело за секојдневните проблеми на локалното население.
Ограничениот пристап како причина за нееднаквоста
Ограничениот пристап до домување за локалното население станал причина за нееднаквост. Сега градот планира да отстрани 10.101 туристички апартмани веднаш штом ќе им истечат лиценците и тоа за период за следните четири години.
Се очекува празните станови повторно да им бидат понудени на жителите на Барселона и со тоа повторно да влезат на пазарот како долгорочни издавањаа или да ја зголемат можноста во областа на недвижности за продажба. Над 3.500 станови веќе се вратени во статус на примарни станбени простори за жителите, пишува Гардијан.
Локалната власт соопшти дека по воведувањето на забраната ќе спроведе строг режим на инспекции за откривање незаконски активности.
Пред две години, Парламентот на Каталонија го усвои Каталонскиот закон за иитно станбено сместување, кој им овозможува на градските и регионалните власти присилно да ги експроприраат станбените објекти што се „празни без оправдана причина“ подолго од две години.
Законот, исто така, им дава право на службениците да ги принудат сопствениците на тие објекти да понудат прифатливо домување. Во насока на овие напори продолжува и новата забрана која се однесува на стопирање на издавањето станови за туристи, бидејќи таа не е воведена како дел од новиот закон, туку како продолжение на оваа уредба.
Корист ќе имаат и хотелите
Иако Шпанија има голема економска корист од туризмот и е рангирана меѓу трите најпосетувани земји во светот, прекумерниот туризам генерира проблеми со достапноста на становите меѓу локалното население. Освен што ќе му помагаат на локалното население, се очекува од овие мерки да имаат корист и хотелите.
Како дел од Посебниот урбанистички план за туристичко сместување, не се одобрени нови хотели во Барселона меѓу 2015 и 2023 година, но градоначалникот посочи дека мерката сега може да биде ублажена.