По Копенхаген и Рио де Жанеиро, Барселона е прогласена за УНЕСКО светска престолнина на архитектурата 2026 година, а исто така ќе биде домаќин на Светскиот конгрес на Меѓународната унија на архитекти. Барселона и Пекинг се натпреваруваа за оваа ласкава титула, но каталонскиот град победи благодарение на очигледно подобрата апликација наречена „One today, one tommorow“, која ја истражува темата за одржливост и иднината на изградената средина.
Значајни архитектонски настани ја очекуваат Барселона во наредните години. Пред се, планирано е долгоочекуваното завршување на Саграда фамилија за стогодишнината од смртта на Антони Гауди (10 јуни 1926).
Градот исто така работи да биде домаќин на манифестацијата Нов европски Баухаус, а исто така ќе биде домаќин на 25-то издание на Шпанското биенале за архитекти и урбанистичко планирање (BEAU).
Саграда фамилија би требало да биде завршена за стогодишнината од смртта на Гауди
Пандемиска престолнина
УНЕСКО го прогласи Рио де Жанеиро за прва Светска престолнина на архитектурата во 2020 година. Меѓутоа, поради пандемијата, светскиот конгрес на Меѓународната унија на архитекти се одржа дигитално.
Градот подготви бројни настани кои го промовираат 11-от принцип на Агендата 2030 – градовите да бидат поинклузивни, побезбедни и поодржливи – меѓутоа, голем број од нив се откажани или одржани во електронска форма.
Музејот на современа уметност de Niterói во Рио, Оскар Нимаер
Титула секоја трета година
Меѓународната унија на архитекти е основана во 1948 година како непрофитна организација во рамките на УНЕСКО, со цел да се нагласи улогата на архитектурата и урбанистичкото планирање во обликувањето на градовите.
Титулата Светска престолнина на архитектурата им се доделува на градовите низ светот секоја трета година почнувајќи од 2020 година.