Барот наречен Hihou се наоѓа во бизнис дистриктот на Мелбурн, но концептот на дизајнот дефиниран со примена на едноставни, пурифицирани идеи, создава сензација на јапонска атмосфера.
Сегрегацијата на внатрешноста со помош на лизгачки паравани го организира просторот на начин да се добијат поефективни мултифункционални корисни површини и катчиња за седење. Нивната способност за лизгање во различни правци ја зголемува поетичноста во просторот, претопувајќи ги променливите амбиенти.
Карактеристичен детаљ претставува касетираната соголена бетонска плафонска конструкција, од која надвиснуваат хоризонтално поставени дрвени талпи во кои е затскриено осветлувањето.
За особената димензија на барот придонесува ѕидот во заднината на шанкот, креиран од дрвени летви организирани како тридимензионална скулптура која истовремено функционира како полица за складирање на пијалоците и чашите.
Спротивно на шанкот, долж стаклениот фасаден фронт се простира површина од дрвени кутиести саксии, дизајнирани со цел да формираат преграда помеѓу внатрешноста и надворешноста, како и да создадат вертикална градина која соодветствува со непосредното опкружување на локацијата и високото јавно зеленило.