Во контекст на војната во Украина, три балтички земји сакаат да ја забрзаат десинхронизацијата на своите електрични мрежи од Русија и Белорусија, и да го завршат тој процес најдоцна до февруари 2025 година. Причината се лоцира во сигурноста, имајќи предвид дека војната во Украина ја покажа ранливоста на електроенергетскиот систем на целиот регион.
Дваесет години откако Естонија, Литванија и Летонија се приидружија на ЕУ, нивните електроенергетски мрежи останаа синхронизирани со руските и белоруските системи. Балтичките земји веќе подолго време планираат да ги синхронизираат своите мрежи со ЕУ, но војната го направи ова прашање уште поургентно. Имено, електроенергетските системи на споменатите држави се интегрирани во преносната мрежа IPS/UPS на Русија и Белорусија, уште од советско време, во нешто што е познато како BRELL Ring. Оваа мрежа со која во најголем дел управува Москва, снабдува 280 милиони купувачи на електрична енергија, главно во земјите на поранешен СССР и средна Азија.
Во 2007 година, премиерите на трите балтички земји се договориле да се придружат на европската континентална мрежа како стратешка цел. Во 2019 потпишан е и патоказ со ЕУ за реализација на синхронизацијата. Европската Унија вложила над 1,2 милијарди евра субвенции за овој проект, поточно за интерконекции со Финска, Полска и Шведска.