Светскиот фонд за заштита на природата (WWF) во извештајот за состојбата на планетата за 2014 година, открива дека балканските земји трошат повеќе природни ресурси отколку што им се достапни, јави Танјуг.
Според извештајот, Босна и Херцеговина троши ресурси за 1,46 планета, а во регионот само Србија има понизок еколошки впечаток, со кој се мери потрошувачката на природни ресурси на човештвото, иако и натаму е преголем за одржливоста на Земјата.
Стилот на живот во Хрватска налага ресурси за 1,86 планета, во Србија 1,43, што е идентично на глобалниот просек на еколошки впечаток, Словенија троши дури 2,46 планети, а Македонија 1,7, се наведува во извештајот на Светскиот фонд за заштита на природата.
Петра Ремета од Медитеранската програма на Фондот, предупредува дека промени мора да се случат на сите нивоа на општеството, а посебно во енергетиката и производството, каде дејноста мора да се заснова на обновливи извори на енергија и поефикасно искористување на суровини.
Десет земји со најголем еколошки впечаток по глава на жител се Кувајт, Катар, Обединети Арапски Емирати, Данска, Белгија, Тринидад и Тобаго, Сингапур, САД, Бахреин и Шведска.
Еколошкиот впечаток покажува исто така дека и сите држави членки на ЕУ живеат над можноста на една планета, а кога секој на Земјата би живеел живот на просечен жител на Унијата, на човештвото ќе му требаат 2,6 планети за да ги задоволи своите потреби за природни ресурси.
Во извештајот исто така се наведува дека популацијата на околу 3.000 животински видови во дивата природа е намалена за над 50 проценти во последните неколку децении.