Проектиран за еден од најголемите трговци со плочки во земјата, санитарна опрема и опрема за бањи – Балканија ММ, изложбено-дистрибутивниот центар со магацин е место каде се изложуваат и претставуваат неколку светски брендови од оваа област. Самата зграда обезбедува преобмислување на традиционалните физички продавници, тоа е место каде различни трговци може да се претстават со одредена тема или концепт.
Сместен во населбата Визбегово, Скопје, на рамен терен, изложбено-дистрибутивниот центар со магацин – Балканија претставува волуменска композиција од повеќе призми и од две програмски целини.
Пристапот до локацијата е обезбеден од јужната и од западната страна. Влезот во изложбено- дистрибутивниот центар е од југоисточната страна, додека влезот за магацинот е од североисточната страна.
Објектот е со мешана класа на намена Б и Г и претставува една целина од два функционални дела, меѓусебно поврзани – изложбено-дистрибутивен центар и магацин за плочки и санитарии. Зградата се развива на повеќе нивоа, изложбено-дистрибутивниот центар е на приземје и прв кат, а магацинот на приземје и втор кат. И магацинскиот дел е сместен на приземје и претставува отворен затскриен складишен простор.
Програмски објектот е поделен на два дела, едниот дел е изложбениот простор кој се развива на две нивоа, додека другиот дел се развива на три нивоа и претставува складишен простор во вид на отворен и затворен магацин со работилници. Двете програмски целини можат да функциониораат заедно или одделно зависно од потребата, меѓусебно се поврзани со топла врска преку влезното фоаје.
Обликовно објектот е целина од разиграни волумени во повеќе насоки и на различни висини кои добиваат различна материјализација. Иако однадвор објектот „ветува“ чисти и едноставни простори, во внатрешноста се случува вистинска „експлозија“ на простори кои имаат различни просторни карактеристики, различен амбиент, начин на природно осветлување итн., нудејќи различен концепт на изложување.
При проектирањето посветено е внимание на комуникациите, врските помеѓу посетител – комерцијалист, комерцијалист – магационер, како и патеката на движење на посетителот да биде континуирана, кружна и да го опфати целиот изложбен дел. Обликувањето на двете скалишни јадра во изложбениот дел е скулптурално, тие претставуваат импресивни скулптури поставени во двовисински простори, со многу природна светлина каде посетителот ги одмора очите од „поставката“.
Природната светлина која влегува преку големата стаклена фасада и лантерната е главен елемент во обликувањето на амбиентите. Како дел од изложбениот простор, кои предвидуваат поинакво изложување од стандардното се и кровната зелена тераса, две големи поплочени тераси и полузатворениот двор на приземјето заедно со металните панели на кои е предвидено ѕидно изложување.
Во однос на екстериерната материјализација применети се современи материјали кои успешно ги дообликуваат чистите волумени. Применета е стаклена структурална, вентилирачка фасада со алуминиумски композитен панел, вентилирачка фасадата со плочки, сендвич-панел и декоративни алуминиумски профили на термичка фасада. Во ентериерот доминира бетонот, стакалени преградни ѕидови и белите површини, овозможувајќи изложените производи да заблескаат и да се истакнат.
Трите проодни тераси се со различен систем на покривање со цел да се прикажат неколку типа на производи, а наменети се и за различен вид на дружење и презентации. Едната тераса е со класичен систем на лепење на плочки, другата со подигнат под на дистанцери и завршна облога од гранитни плочки и третата е зелена проодна тераса со самоодржливо ниско зеленило.
Конструкцијата на објектот е проектирана како армиранобетонски скелетен систем од армиранобетонски столбови, платна и греди, а меѓукатната конструкција е предвидена како армиранобетонски плочи.
Објектот е добитник на Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2023 година, која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, под покровителство на претседателот. Исто така објектот беше номиниран за престижната награда на Европската Унија за современа архитектура Mies van der Rohe Award 2024.
Проект: Изложбено-дистрибутивен центар со магацин – Балканија
Проектантско студио: Синдикат студио
Автори: Миа Шириќ, Дејан Секуловски, Илија Божиновски
Соработници: Саше Нешиќ и Катина Сутоглу
Инвеститор: БАЛКАНИЈА ММ
Локација: ул. „1“, с. Визбегово, Скопје – Македонија
Намена на градба: Б, Г
Површина на урбанистичка парцела: 4 463 m²
Површина под објект: 1 732 m²
Развиена површина: 4 265 m²
Автор: Миа ШИРИЌ, дипл. инж. арх.
*Текстот е подржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија