Двесте години старата зграда во португалскиот град Фигеира да Фоз минатата година е реновирана од архитектонското студио danielmsantos, давајќи и нов и похрабар изглед со различни надворешни и внатрешни интервенции.
Педро Даниел Сантос, главниот архитект, влегол во проектот со намера колку што е можно повеќе да ја зачува формата, убавината и историското значење на зградата, но и да се прилагоди, модернизира и, како што вели, “да го овласти да раскажува нови приказни“.
Конзолната конструкција од бакар над дворот, „балонот“, како што го нарекуваат, од километри е највидливиот дел од новата интервенција, а во него се сместени рецепцијата и главната канцеларија.
Според Сантос, парадигмата на користење на просторот е рационализирана и максимизирана, со што се постигнува поголема пристапност за лицата со намалена подвижност.
Покрај обезбедувањето паркинг простор со станица за полнење на електрични возила, како и технички простор, дворот сега станал главен влез во зградата, додека пристапот до катовите се овозможува преку скали и лифтови.
Поради адекватно искористување на вториот кат, направено е мало зголемување на покривот во периферните области (гребенот го задржал истото ниво), што освен што го рационализирало користењето на постоечкиот простор, на објектот му дал модерен изглед без нарушување на урбаниот пејзаж.
На ниво на ентериер, објектот е прилагоден на новиот концепт на употреба.
Рехабилитацијата на внатрешните простори се барало да биде минималистичка, комбинирајќи ја модерноста, употребливоста и зачувувањето на безвременскиот карактер на зградата.
Оригиналните аспекти и градежните техники добиле нов живот со конзервацијата и реновирањето на импресивните гипсени тавани што го красат целиот прв кат.
Палетата на внатрешни тонови е намерно избрана за истовремено да се создаде средина погодна за работа и да се истакне еклектичната колекција на уметнички дела и мебел кои ги нагласуваат различните простори на зградата.