Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, соопшти дека привремено ќе ги запре процесите на одобрување на нови проекти за извоз на течен природен гас (ТПГ). Од Белата куќа истакнуваат дека оваа одлука ја донеле со цел Министерството за енергетика да ги ажурира анализите неопходни за одобрување на нови ТПГ проекти, додавајќи дека постоечките анализи се стари пет години и повеќе не се адекватни во контекст на трошоците и влијанијата врз животната средина.
Активистите за клима ја поздравиле оваа одлука, гледајќи во неа јасна порака дека САД има намера да заврши со зависноста од фосилните горива. САД се најголем извозник на ТПГ. Од друга страна, заговорниците на нови ТПГ проекти брзо ја осудиле оваа одлука. Според нив ова сериозно ќе ја загрози и националната економија и достапноста до енергенти за европските сојузници.