Насловна / Архитектура / Азурен допир на Франција и Италија, како место за средба на Британската и на Руската Империја

Азурен допир на Франција и Италија, како место за средба на Британската и на Руската Империја

Веројатно не постои друг град каде на едно место толку јасно можат да се видат влијанијата на две земји, Франција и Италија. Од една страна тоа е француски град, медитерански град, меѓу синото Азурно Море и Прованса, од друга страна град што може да се најде во кој било дел од Лигурија, Италијанскиот Регион што се наоѓа во близина.

DSC_5687-1

Ница е позната по својата единствена и разновидна архитектура, спој на стариот дел – Vieux Nice, каде што се наоѓаат типичните медитерански тесни улички, камени куќи, катедралата Свети Репарате и палатата Ласкарис и модерниот дел на градот кој најмногу го карактеризира шеталиштето Promenade des Anglais, веројатно најпознатиот симбол на овој град, и модерни згради на современиот град.

DSC_5385-1

Во текот на 19 век градот урбанистички се развивал, и тогаш, покрај експанзијата се градат значајни објекти во стилот на бел епок, а денес ги прават препознатливите делови од архитектурата, како што е Медитеранската палата, која денес е луксузен хотел и вилата Масена, која е претворена во музеј.

DSC_5302-1

Во текот на 20 век, градот продолжил да се шири, кон внатрешноста, каде се градат големи инфраструктурни проекти, модерни станбени и деловни згради. Кога се зборува за современата архитектура, најзначајни примери се Музејот на современа уметност (Musée d’art moderne et d’art contemporain) од 1990 година, проект на архитектите Yves Bayard и Henri Vidal, изработен од стаклени и бетонски коцки, распореден на 4.500 квадратни метри во десет изложбени простори.

mamac-nice-saiko3p-as-1920x960

Потоа станбената зграда Плаза, од 2018 година, конгресната палата Palais des Congrès Акропол, со изложбен центар во облик на пирамида и станбената зграда Меридиен (Le Méridien). И секако неизбежниот објект, Националниот музеј Марк Шагал, кој го проектирал архитектот André Hermant во соработка со големиот уметник. Hermant, кој работел со Ле Корбизје и со Огист Пере и останал доследен на своите уверувања и предложил трезвена, јасна и функционална зграда за постојаната поставка на Марк Шагал. Музејот свечено е отворен во 1973 година. „Исто така, би сакал ова место да прикажува уметнички дела и документи со висока духовност на сите народи, да се слушне нивната музика и поезија водени од срцето“. Воден од оваа желба, Марк Шагал, на возраст од повеќе од 80 години, ѝ донирал голем број дела на државата.

Musee-Marc-Chagall

Влијанието на Италија е видливо насекаде, особено затоа што градот бил под управа на различни италијански градови држави како блиската Џенова, но и Пиза и Фиренца. Италијанските уметници биле инспирација за француските архитекти кои работеле на изградба на модерни вили во текот на 19 век.

DSC_5436-1 DSC_5364-1

Сепак, Ница е позната по две малку дијаметрално различни нешта, по големото шеталиште, Променада на Англичаните (Promenade des Anglais) и по познатата Руска православна црква Св. Николај.

DSC_5756-1

Променадата на Англичаните го добила името по големиот број англиски туристи кои дошле на југот на Франција во 18 и 19 век, за да уживаат во убавината и медитеранската клима на градот. Како дел од трендот „гран тур“, Ница била неизбежна дестинација за богатите луѓе од Велика Британија. Тогаш шеталиштето било плажа со камчиња покрај морето, а Англичаните шетале во своите капути и шапки во форма на високи цилиндри што претставувало атракција.

DSC_5889-1

Во текот на 19 век било изградено познатото шеталиште кое го променило изгледот на градот и му го дало карактерот што го има и денес. Променадата е една од најпознатите икони на Медитеранот и секако најпознатото шеталиште на југот на Франција. Долж неколку километри, шеталиштето нуди прекрасен поглед на морето, луксузни хотели, ресторани, кафулиња и пред сè многу луѓе кои доаѓаат тука за да го почувствуваат духот на градот.

DSC_5886-1

Малку понатаму се наоѓа познатата Руска православна црква Св. Николај со своите  препознатливи куполи во форма на лук и обоена во пастелни бои.

Црквата е изградена кон крајот на 19 век, по налог на руското царско семејство Романови, кое било познато по своите врски со Ница, како место за молитва и богослужба за голем број Руси кои, како и Англичаните доаѓале да уживаат во сè што има да понуди овој град.

DSC_5772-1

Сè до Револуцијата, во 1917 година, црквата била отворена, а бидејќи голем број Руси биле принудени да емигрираат, црквата била затворена до крајот на Втората светска војна.

Денеска црквата е реконструирана и е отворена за богослужби и посети. Покрај црквата, има и музеј кој ја прикажува историјата на руското присуство во Ница и претставува верна слика на духот на Руската Империја и на руската аристократија која го посетувала овој град.

DSC_5882-1

Во текот на 1908 година рускиот цар Николај II заедно со сопруга царицата Александра, ја посетил Ница и за таа прилика градот бил украсен со руски знамиња. Покрај свечениот пречек, царскиот пар ја посетил и црквата.

Од друга страна, британскиот крал Едвард VII често ја посетувал Ница во текот на зимата и пролетта и учествувал во општествениот живот на градот. Истата, 1908 година го посетил градот, што предизвикало голема возбуда, а граѓаните му приредиле добредојде.

DSC_5712-1

Покрај царевите и кралевите, Ница ја посетуваат и голем број аристократи, како што се принцезата Викторија од Германија, грофови од Париз и принцот и принцезата од Монако.

Посетите на познати припадници на аристократијата и богати луѓе од цела Европа придонесуваат за репутацијата на Ница како луксузна дестинација, додека во исто време овие богати посетители придонеле на различни начини за развојот на градот и неговата архитектура. За потребите на оваа елита, изградени се многу вили и згради, како и хотели, кои дополнително ја збогатија архитектурата на Ница.

DSC_5745-1

Денес Ница, покрај својата репутација на некогаш аристократски град, е модерен град кој е приспособен на голем број посетители, со добро развиена инфраструктура како шеталишта, патеки, паркови и јавни површини. Покрај тоа, тука е и долгиот брег кој со право го носи името на азурен брег, дури и во студен ден делува аристократски, убав и голем. Ница е град кој нуди многу нешта, а пред сè прекрасно чувство кое создава спој на Франција и Италија, Прованса и Медитеранот. Како никаде на друго место во светот што го знаеле и царевите и кралевите.

Текст и фото: Ѓорѓе ЈОКИЌ, дипл. инж. арх.

(Специјално за Порта 3 од Ница)

DSC_5479-1 DSC_5331-1 DSC_5253-1

Испрати коментар

Scroll To Top