Вчера вечер во Националната гаерија на Македонија, објектот „Мала станица“ беше отворена авторската изложба, насловена „ КОМУНИКАЦИЈА – АРХИТЕКТУРА+ДИЗАЈН“ на архитектот Мишко Ралев. Изложбата ја отвори директорката на НГМ Дита Старова.
Промовирајќи ја изложбата проф. Викторија Еремеева остакна дека таа „претставува еден вид ретроспективен пресек на архитектонското и дизајнерско творештво на архитектот Мишко Ралев конципирана повеќе како уметнички неконвенционална отколку како архитектонска изложба“. Според Еремеева изложбата, како став на конкретна творечка личност со свој особен лајфстајл повеќе зборува за архитектурата и дизајнот како процес, отколку како цврста структура на хронолошко фактографска презентација на една кариера. „Приложените цртежи и фотографии претставуваат поединечни фрагменти кои иако отргнати од целината зборуваат сами за себе отсликувајќи високо естетизирани атмосфери и амбиенти на креирани просторни структури и организации“, истакна Еремеева.
Во изминатите над 30 години творештво авторот создадал голем број проекти. На изложбата, презентиран е избор на најзначајните со кои архитектот Ралев самостојно или со соработници во тим оставил значаен белег на македонската архитектонска, а особено дизајнерска сцена.
За Еремеева од особено значење и според неа голема вредност се изложените рачни скици од кои јасно се чита мислата, но и вештината на мајсторот во создавањето на детаљот како основа на дизајнот. -Овие скици се понекогаш доволни за реализација на замисленото, толку јасни, читливи и реални, рече Еремеева, додавајќи дека „Со углед на архитект и учител, архитект и професор Ралев ревносно и со огромно количество страст и отстапи голем дел од својот живот на архитектурата. Тој го стави сиот свој талент во функција на создавање дела со јасен личен авторски печат.
Но покрај талентот, промоторот нагласи дека Ралев има и други предности: завидна и широка култура и уште поширок увид во се што има врска со архитектурата, ентериер и дизајнот. Особено за него важи фактот, дека кризата на архитектурата која кај нас може да се смета за доминантна состојба веќе подолг период, придонесува архитектите да градат критички став кон сопствената професија и трпеливо создавајќи и понатаму трагајќи по нејзините вистински вредности. Еден е од оние кој јавно ги критикуваше погубните делувања на политиката во областите на нашата експертност, преку медиумите или со учество на протестите на студентите или пак на барикадата за одбрана на Градскиот трговски центар.
Мишко Ралев дипломирал на Архитектонскиот факултет на УКИМ во Скопје, каде што и ја започнува својата едукативна кариера. Во истата институција, како асистент и доцент, работи се до 2007 година. Во меѓувреме работи и на Шумарскиот факултет, насока проектирање мебел и ентериер, како асистент, а подоцна и како доцент. Во 2007 година се вработува на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, односно заедно со професор Викторија Еремеева го основаат Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, Скопје. Како професор на група предмети по архитектонско проектирање и проектирање на ентериери.
Паралелно со образовната дејност, архитектот Ралев активно се занимава и со архитектонско и ентериерно проектирање, при што станува еден од водечките проектанти и дизајнери во овие области. Во 1996 година, заедно со арх. Викторија Еремеева го основаат архитектонското биро „ТАКТ-Инженеринг“. Мишко Ралев е активен дизајнер и проектант со голем број проектирани и остварени објекти, ентериери и дизајни, при што остварил високо ниво на уметнички и дизајнерски квалитети. Член е на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и на Комората на овластени архитекти и инженери на Република Македонија.
Фотографии -Борис Јурмовски/MARH