Долж автопатот од Табановце до Гевгелија, ќе се изведат нови комуникациско-информациски системи за контрола и управување на сообраќајот. Реализацијата на интегрираното сообраќајно решение ќе значи воведување на интелигентен транспортен систем, за кој Министерството за транспорт и врски веќе ја избра фирмата Градежен институт „Македонија“ за изработка на основниот проект.
Новата технологија ќе значи изведба на соодветна инфраструктура долж патниот Коридор 10, што ќе овозможи поголема безбедност во одвивањето на сообраќајот, и обезбедување на поддршка на возачите во секое време. За изработка на проектната документација е предвидено да се потрошат над 13,8 милиони денари. Основниот проект ќе биде подготвен најдоцна за 15 месеци. Изведбата на системот за контрола и управување на сообраќајот на автопатот од Табановце до Гевгелија е прв ваков проект што се реализира на територијата на Република Македонија.