Осло планира да го направи првиот автопат за пчели во светот, со цел да се заштитат овие загрозени инсекти опрашувачи без кои човештвото не може да опстане. Целта на проектот е да се востопстави систем на „одморалишта“ за инсектите опрашувачи, така што пчелите и бумбарите би можеле непречено да летаат од еден на друг крај од градот. Сите се повикани и добредојдени во оваа иницијатива. Состојбите во Норвешка во врска со инсектите опрашувачи се нешто подобри отколку во останатите делови од Европа, но се смета дека околу една третина од дивите видови на пчели во земјата се сериозно загрозени.
„Ние го менуваме своето опкружување според своите потреби заборавајќи дека тоа е животна средина и за другите видови“, вели Агнес Лике Мелвер, претставник на организацијата Bybi (во превод „градски пчели“) и координатор на проектот. За да го поправиме тоа мораме да им ги обновиме местата за живот и храна.
Зад проектот „автопат за пчели“ чиј помпезен наслов асоцира на битумен, стои намерата да се прошири овој систем на „одморалишта“ за инсектите опрашувачи. Без разлика дали се работи за зелен покрив на некоја деловна повеќекатница, „хотел“ за овие инсекти во некоја градина или пак цвеќиња на прозорците од становите… поединци, институции, здруженија… сите можат да дадат свој придонес. На 12-иот, последен кат од една деловна зграда во Осло, на брегот на фјордот, големата финаниска компанија одлучила дел од терасата да биде прекриена со билки, и да се постават две кошници со пчели. 45.000 мали работнички на покривот вредно работат, а вработените од зградата што секојдневно појадуваат со поглед кон оваа градина на покривот, за тоа не се ни свесни.
Состојбата во Норвешка со овие инсекти не е толку алармантна како на пример во САД или пак другите европски земји, каде болестите и проблемите поврзани со интензивното земјоделство, како масовното одгледување само на еден вид билки и употребата на пестициди, имаат погубни последици по пчелите. Тоа е повод за голема загриженост бидејќи за 30-40% од храната што ја користат луѓето, опрашувањето е битен процес, бесплатно извршен од пчелите. Економската вредност на овие „операции“ во 2005 година од страна на франсуско-германски тим истражувачи е проценета на 153 милијарди евра.