Насловна / Вести / Автономни возила по мерка на човекот

Автономни возила по мерка на човекот

Денес речиси сите зборуваат за автономното возење. Почнувајќи од производителите на автомобили, гигантите во електронската индустрија, софтвер инженерите, универзитетските професори, сите сметаат на автомобилите без возач во не така далечна иднина. Автономните возила можат да направат драматична глобална промена, воведувајќи ново ниво на мобилност, независност и безбедност за сите. Кои се придобивките од автономните возила? Како и секој друг концепт и автономните возила имаат свои предности и недостатоци. Во продолжение се осврнуваме само на некои од предностите кои тангираат многу аспекти од квалитетот на живот и развојот на заедницата.

AV4

ПРЕДНОСТИ КОИ ТАНГИРААТ МНОГУ АСПЕКТИ

– Безбедност во сообраќајот. Статистиките на несреќи на патиштата го земаат својот данок во човечки жртви, повредени, но и огромни материјални штети. За над 90 % од несреќите виновник е човекот (Maddox, 2012). Според тоа, автономните возила ќе превенираат голем број сообраќајни несреќи, но и ќе елиминираат голем број на доцнења во сообраќајот.

AV1

– Сообраќаен метеж. Во литературата се адресираат три главни фактори поврзани со автономните возила кои влијаат врз сообраќајниот метеж: 1. намалување на доцнењата во сообраќајот како резултат на намалување на сообраќајните несреќи; 2. зголемување на протокот на возила; 3. промени во вкупните изминати километри на возилото (vehicle-kilometer-traveled – VKT). Сето тоа ќе придонесе за зголемување на доверливоста на сообраќајниот систем. Фактот дека автономните возила се меѓусебно поврзани, може исто така да овозможи и избегнување на сообраќајниот метеж преку т.н. reservation-based system.

– Сопственост на возилата. Развојот на автономните возила оди во прилог на концептот на такси-услуга без возач, но и кон обесхрабрување на идејата за поседување сопствено возило. Автономните возила ќе ги поттикнат и шемите на car sharing.

AV3

– Вредност на времето. Автономните возила ги ослободуваат возачите од физичкиот и менталниот ангажман поврзан со возењето, овозможувајќи искористување на времето на други продуктивни активности.

– Користење на земјиштето. Автономните возила можат да имаат силно изразено и долготрајно влијание врз шемите на користење на земјиштето. Имено, вредноста на земјиштето се зголемува пропорционално со близината до центарот на градот, каде се концентрирани можностите за работа. Близината пак е диктирана од начинот на транспорт, односно од сообраќајните врски. Со развојот на автомобилите, во почетокот на 20-тиот век, доаѓа до развој на предградијата. Автономните возила ќе придонесат за понатамошен развој на предградијата, а ќе се надмине и акутниот проблем со паркинг-просторот во градовите. Огромен простор ќе се ослободи за други намени. Во просек, градовите имаат површини зафатени со паркинзи кои учествуваат со 31 % во вкупната површина (Shoup, 2005).

ШТО ОЧЕКУВААТ ЛУЃЕТО ОД АВТОНОМНИТЕ ВОЗИЛА?

Автономните возила се тема која е покриена во илјадници научни и стручни статии низ целиот свет, и обработувана е од различни агли – од технолошка изводливост, па до етички и социјални прашања. Но, постои еден аспект кој е малку запоставен – што очекуваат луѓето од автономните возила и како тие најдобро да се проектираат имајќи го предвид факторот човек? Секако, многу е подобро дизајнот да се приспособи на потребите на човекот, отколку човекот да се приспособува на потребите на машината. Точно ова барање е во фокусот на т.н. HCD (Human Centered Design). За важноста на HCD во контекст на автономните возила, многу се дискутира, особено во последно време. Следните точки кои допираат различни области, се појавуваат во речиси секоја дискусија, расправа или анализа:

AV5

  1. Автономни концепти. Што се всушност роботите и зошто дизајнот изгледа како од научнофантастичните филмови?
  2. Медиуми.  Сензационалистички наслови кои ја демонизираат напредната технологија.
  3. Морал и етика. Дали автономните возила треба да донесуваат одлуки кои луѓето едноставно не можат да ги донесат?
  4. Доверливост и осигурување. Неизбежно, работите можат да тргнат во непосакувана насока. Кој би бил виновен?
  5. Законска регулатива. Која законска регулатива треба да се донесе за да се контролира оваа технологија на патиштата?
  6. Градовите и заедниците. Какви негативни ефекти ќе донесе оваа технологија врз начинот на живот?
  7. Опасностите од вештачката интелигенција.  Дали е заштитена приватноста – технички можности за хакирање и злоупотреба?

Компаниите кои го развиваат концептот на автономни возила треба да ги надминат овие бариери. Секако, кога станува збор за новите опции за мобилност, автономните возила се на прво место. Не само производителите на автомобили, туку и компаниите како Google, Bosch и Apple, ја трансформираат својата експертиза во областа на потрошувачката на електроника и софтвер, во развојот на автономните технологии. Но, за да сфатиме која е суштината на овој дизајн фокусиран на човекот, треба да се вратиме на основите на човековата мобилност. Како се движат луѓето? Како стигнуваат од точката А до точката Б? Какво е искуството на корисникот од користењето на автономните возила – од  влегувањето во возилото, самото патување, интеракцијата на возилото со другите учесници во сообраќајот и сл.? Дали автономното возење е технички можно? Кога ќе стане стандард? Дали е безбедно? Ова се прашањата кои одново и одново се поставуваат, особено во текот на последните неколку години. Многу поважно прашање е: Што всушност луѓето сакаат и што им е потребно да добијат од оваа технологија? Дури и на ова прашање, одговорот традиционално доаѓа од перспектива на производителите на автомобили, а не од корисниците. Конечно, корисниците се првенствено заинтересирани за самата мобилност, односно да дојдат комфорно и безбедно од точка А до точка Б, a не и за начинот како тоа ќе се реализира, односно за самата технологија која стои зад тоа. Според тоа, многу е значајно да се утврдат потребите на луѓето и нивните желби, со цел автономните возила да обезбедат поддршка за нив. Исто така подеднакво важно е луѓето да се адаптираат на користењето на оваа технологија. Но, пред да се ужива во возењето со автономно возило, треба да се земат предвид многу фактори, во случајов човечки фактори кои играат улога во дизајнирањето на најдобро искуство за човекот. Не помалку важно е секако влијанието на оваа технологија врз изгледот на градовите и нивната подготовка за автономен транспорт.

AUTONOMOS

Но, да се вратиме малку наназад во историјата, со цел да се потсетиме што всушност значи терминот „автономен“. Зборот доаѓа од грчко потекло, поточно од зборовите auto, што значи „сам“ и nomos што значи „закон“, и оригинално бил користен за луѓето, а не за машините. Првите обиди во насока на создавање возило без возач датираат уште од дваесеттите години на минатиот век, а добиваат вистински облик во осумдесеттите години, кога се развиваат автоматизираните автопати. Со тоа се поплочува патот за полуавтономни и автономни возила кои ќе бидат поврзани со сообраќајната инфраструктура. Пионерските чекори преку првите проекти на автономни возила се направени во периодот од 1980 до 2000 година во Германија и САД.  Првото возило без возач на компанијата Google му даде огромен публицитет на овој концепт и привлече многу талентирани истражувачи од различни области. Сигурен и безбеден, за овој автомобил се врзуваат екстремно мал број на инциденти во сообраќајот, а речиси кај сите нив вината била кај другата страна. Забележан е само еден инцидент каде виновник е возилото на Google. Генерално, автономните возила работат на принципот „детектирај – планирај – делувај“, што е всушност премиса на многу роботски системи. Притоа, комплексната и динамичка околина е сериозен предизвик за автономното возило кое е опремено со различни сензори, камери и други уреди кои ја снимаат околината. Сите овие податоци се влез во софтверот чија задача е да препорача соодветна акција, како забрзување, престројување, престигнување и сл. Еден од најголемите предизвици останува предвидувањето на однесувањето на пешаците и на другите луѓе учесници во сообраќајот.

AV6

Користиме три категории за автономноста:

– Автономна технологија (Autonomous Technology – AT). Технологија која најчесто опфаќа вештачка интелигенција (Artificial Intelligence – AI) и способност за машинско учење, односно технологија која може да изведува задачи без потреба од интервенција на човекот, а се базира, учи и се надградува врз основа на претходните искуства на човекот.

– Автономно возило  (Autonomous Vehicle – AV). Автономните возила се само еден од облиците на автономна технологија. Под автономни возила се подразбираат автомобили, автобуси и други транспортни средства кои овозможуваат мобилност за луѓето, стоките и градот, без потреба од каква било интервенција од страна на човекот. Тука мора да се забележи дека термините автономно возило и возило без возач не се исти. Постојат возови без возач, но тие не се целосно автономни, односно сепак со нив управува човек иако на далечина.

AV7

– Автономија на луѓето (Autonomy of People – AP). Во своето класично значење овој термин укажува на тоа колку една личност е независна. Во контекст на мобилноста, како базична човекова потреба, токму автономните технологии односно автономијата на човекот. Оттука произлегува и равенката:

АТ + АV = AP:)

Одредени компании веќе се специјализирани во областа на HCD на автономните возила, загрижени за, како што самите велат, „способноста на индивидуата, па дури и правото за донесување сопствени одлуки, онака како што му одговара“. Сосема во втор план се поставува прашањето за тоа колку се паметни возилата без возач. Индустријата е преокупирана со трката да ги направи своите машини колку што е можно попаметни и побезбедни без човек – возач. Она што е најважно е како оваа технологија ќе ја подобри мобилноста и автономијата на човекот. Затоа, треба да се земат предвид сите фактори околу возилото – од потребите на човекот до социјалните импликации, а не само возилото како такво.

Испрати коментар

Scroll To Top