Полскиот град Лублин наскоро ќе добие еколошка автобуска станица која не само што ќе биде привлечна, туку и ќе се бори против загадувањето на воздухот. Интегрираната интермодална метрополитска станица во Лублин ќе се наоѓа во близина на железничката станица и има за цел да ја ревитализира областа околу железничката станица.
Станицата е проект на полската архитектонска фирма „Tremend“. Проектот е одговор на проблемите со животната средина и животот во градот, како што е смогот, потрошувачката на вода и енергија, бучавата и слично. Магдалена Федерович-Буле, претседател на бордот на директори во „Tremend“ рече дека нивниот проект е всушност слика за тоа како тие ја перцепираат улогата на екологијата во архитектурата.
Современиот пристап и фокусот на животната средина и зеленилото дозволија овој проект да биде на потесен избор на Светскиот фестивал за архитектура за наградата „World Building of the Year“.
Оваа интермодална станица, лоцирана во близина на Фолк парк, е замислена како визуелно продолжување на соседната зелена површина со бујна покривна градина и голем зелен ѕид што ја опкружува северната фасада. Кога станува збор за зеленилото, ќе има и серија скулптури во форма на дрво, кои поддржуваат огромен рамен покрив со голема настрешница. Станицата ќе се карактеризира со стаклени sидови, додека административните простории ќе имаат затемнети прозорци за да обезбедат приватност.
Зградата ќе се загрева со геотермална енергија и ќе биде опремена со енергетски ефикасно LED осветлување. Детекторите за движење ќе се користат за активирање на осветлувањето за да се обезбеди заштеда на енергија. Системите за собирање и прочистување на дождовница ќе се користат за наводнување на растенијата што ќе создадат микроклима за ладење и ќе го подобрат квалитетот на воздухот. Квалитетот на воздухот дополнително ќе биде засилен со употреба на „блокови против смог“. Овие блокови се изработени од современ фотокалитички материјал кој содржи титаниум диоксид кој ги разложува токсичните гасови.