Австриски компании од градежништвото, патната и железничката инфраструктура, идниот месец доаѓаат во Македонија со цел изнаоѓање потенцијални партнери и воспоставување долгорочна соработка.
Како што најави денеска Герхард Шлатл, трговско аташе при Амбасадата на Австрија, токму овие сектори се детектирани како дел од приоритетните за Македонија. Притоа, соработката нема да се ограничи само на проекти поддржани од ЕУ, како што се коридорите 8 и 10, туку напротив, ќе се прошири и на други, поддржани од финансиски институции како Светска банка.
– Со оглед на тоа што моментно е актуелен ИПА 2 фондот концентриран на градежништвото и инфраструктурата, нашата цел е да донесеме австриски фирми кои ќе се обидат да ги пренесат своите технологии и знаење во Македонија. Работите тука се подобруваат, македонските компании покажуваат се поголем интерес и потреба за софистицирана технологија, – истакна Шлатл на прес-конференција во Стопанската комора.