Со доаѓањето на летото и високите температури, температурните разлики помеѓу градот и околните населби стануваат поизразени. Овој феномен се нарекува „градски топлински острови“ („Urban Heat Islands“). Притоа, треба да се истакне дека не станува збор за некоја нова појава, туку населението станува посвесно за постоењето на овој феномен поради глобалните климатски предизвици.
Денес, температурите во градовите се за околу 6 степени повисоки во однос на периферијата. Со цел влијанието на климатските промени да се ублажи, Градот Виена разви стратегија која опфаќа дури 90 различни начини на планирање и изградба на станбените згради, со помош на кои во летните месеци температурите ќе можат да се намалат токму за 6 степени. Општо прифатено е мислењето дека жештината во градовите е поизразена поради големиот број на жители и темните бетонски површини, што делумно е точно, но овој ефект се создава и заради хроничниот недостаток на зелени површини.
Виенските стручњаци утврдиле дека озеленувањето на дворовите, покривите и фасадите е најефикасно средство против високите температури во градовите, и тоа поради следните две причини: прво, станбените површини се заштитуваат од директното сончево зрачење, и второ – билките испаруваат вода во текот на фотосинтезата. Токму недостатокот на испарување е една од причините за урбаните топлински острови.
Затоа, во Виена во последните години се започнати многу проекти за озеленување на постоечките згради, а при изградбата на нови објекти архитектите се трудат за максимално вклучување на зелени покриви и фасади, но и останато хортикултурно уредување во својот концепт. Еден од најдобрите примери на ваков архитектонски концепт во Виена е зградата на комуналното претпријатие за згрижување на отпад, која е по целата своја надворешна површина прекриена со трева и цвеќиња.