Познатата париска авенија Шанзелизе (Champs – Elyseesе) претвора во „континуирана градина“ пред Олимписките игри во 2024 година. И покрај тоа што е позната како „најубавата авенија на светот“, оваа сообраќајница сега повеќе наликува на автопат, со десетици илјади автомобили кои поминуваат секој ден. Неодамна, тоа беше и централна локација за масовни собири, штрајкови, особено позната по протестите на жолтите елеци.
Се очекува работите за планирате зафати да започнат „за само неколку недели“, според Емануел Грегоар, првиот заменик градоначалник на Париз. Тој го најави почетокот на изградбата на состанокот за „официјално отпочнување на трансформацијата“ на париската авенија. Работата ќе се одвива во две фази, каде првиот дел кој започнува во мај ќе биде завршен до пристигнувањето на спортистите во градот за Летните олимписки игри. „Ќе го преправиме плоштадот Конкорд (Place de la Concorde) пред Олимписките игри во 2024 година, а потоа и целата авенија“, вети градоначалничката на градот Ен Идалго во интервјуто во јануари 2021 година.
Капиталните промени веројатно ќе потраат малку подолго. Обновата на Конкорд ќе се случи дури по Игрите, како и остатокот од трансформацијата на Шанзелизе (Champs – Elyseesсе) во „ботаничка градина“. Целиот проект е предвидено да биде завршен до 2030 година.
Првата фаза од проектот ги опфаќа интервенциите на плоштадот Етоал (Place de l’Étoile). Околу Триумфалната капија, корисниците ќе имаат многу поширок простор за пешачење, додека автомобилите ќе бидат ограничени на дел од сегашниот коловоз. Предвидено е голема реконструкција долж Шанзелизе, вклучително и поправање на оштетените тротоари и постоечката урбана опрема. Ќе се редизајнираат и терасите од баровите и ќе се засадат околу 400 дрвја булеварско зеленило. Буџетот за оваа прва фаза од проектот ќе изнесува 30 милиони евра.
Во втората фаза е предвидено масовно зазеленување на авенијата, со дури 15.000 м2 дополнителни дрвја и ниска вегетација во Шанзелизе. Од Лувр до ридот Шајо ќе се протега новото зелено шеталиште. Пешаците, велосипедите и мотоциклистите ќе го заземат јавниот простор, како никогаш до сега. Исто така се планира и репроектирање на уличните профили на Place de la Concorde и Place de l’Étoile, Champs-Elysées, авенијата Montaigne и авенијата Grande Armée, во насока на напуштање на идејата за автоцентрично централно подрачје и обезбедување зелени конектори во подршка на идејата за похуман Париз. Елисејските полиња првпат биле изградени во 1670 година, но биле обновени од Барон Хаусман, архитектот чие име стои зад трансформацијата на Париз во времето на Наполеон III во средината на деветнаесетиот век.
Новиот проект за зазеленување на авенијата е на архитектот Филип Чиамбарета и архитектонското биро ПЦА-СТРИМ (PCA-STREAM). По презентирање на проектот, парижаните согласно спроведената анкета за партиципативност, позитивно се изјаснија во насока на реализација на проектот со 100.000 потписи. Поддржувачите сметаат дека нивото на загаденост сигурно ќе се намали, бидејќи голем дел од јавните простори во градските четврти во срцето на француската престолнина ќе бидат зачувани за пешаците со очекуван пад на сообраќајот од дури седумдесет и два отсто.